При рутинска манипулација на 6 киловолтната постројка на блок 1 на РЕК Битола, денеска нешто после 13 часот поради ненамерна човечка грешка, дојде до пожар на дел од кабелските системи, кој со навремена интервенција на надлежните служби на комбинатот, за кратко време е неутрализиран и изгаснат, информираат од РЕК Битола.
За време на настанот, додаваат, повреден е работник кој веднаш со возило за итна медицинска помош е транспортиран до Битолската болница, каде по извршената медицинска интервенција се наоѓа надвор од животна опасност.
– Како резултат на ова, сработи заштитата што доведе до исклучување на блокот 1 на РЕК Битола, на кого во моментот стручни екипи на комбинатот работат на негова санација и се очекува во текот на утрешниот ден блокот да влезе во функција. Поради брзата и навремена интервенција на стручните служби на комбинатот, пожарот не предизвика поголема материјална штета, а снабдувањето со електрична енергија на тарифните потрошувачи се одвива нормално, од останатите производни капацитети на ЕЛЕМ, се вели во соопштението од РЕК Битола.