Академијата за обуки при Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска започнаа серијал обуки за инспекторите низ државава со цел зајакнување на нивното познавање на специфични области од правото со кои тие се соочуваат во секојдневното работење.
– Станува збор за прва ваква меѓуинституционална соработка, под покровителство на УСАИД, од која се очекува не само да овозможи сериозна надградба на знаењето на инспекторите туку и доближување на правната теорија и практика, односно креирање визија за подобрување на законодавството во иднина. Основниот мотив за соработката и обуките воопшто е подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните и на бизнис климата во Македонија, соопшти Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Први обука ќе поминат 32 инспектори од Државниот управен инспекторат. Во текот на првата обука, што треба да се одржи денеска и утре, ќе слушаат предавања од проф. д-р Борче Давитковски и проф. д-р Ана Павловска-Данева. Темите се поврзани со новините во Законот за општата управна постапка, применливоста на Законот за управните спорови во однос на решенијата на инспекторите, правата и одговорностите на инспекторите според Законот за инспекциски надзор, примената на Законот за прекршоците од страна на инпекторите и слично. На обуката ќе има предавачи и од Министерството за информатичко општество и администрација.
Инспекторите што ќе бидат опфатени со обуките ќе добијат сертификат потпишан од претставник на МИОА, Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и УСАИД.