Меѓународната заедница мора повеќе да работи на прашањето за Северна Кореја, изјави денеска британскиот шеф на дипломатијата Борис Џонсон.
Според него најновата ракетна проба на Пјонгјанг е пример за голема опасност кон соседните држави.
– Меѓународната заедница мора да ги зголеми двојно напорите и да наметне цена за тој режим, кој го јакне своето нуклеарно оружје и лансира илегални ракети, иако луѓето во Северна Кореја издржуваат глад и сиромаштија, наведува Џонсон во соопштение.
Северна Кореја објави дека денеска извршила успешен тест на интерконтинентална балистичка ракета.
Според првичните оценки на Командата на американски сили во Тихиот Океан, Северна Кореја тестирала балистичка ракета со среден дострел.
Командата соопшти дека ракетата била забележана 37 минути пред да падне во Јапонско Море, при што прелетала 930 километри.
Според експертите, ракетата може да стигне до Алјаска, но другите 49 американски држави, вклучително и Хаваи се вон дострелот.