Пронајдокот „Производство на едноставен антипенливец” од иноваторите Филимена Карафиљковска и Виолета Солакова, професорки од СУГС „Марија Кири Сколодовска“, доби сребрен медал на Меѓународна изложба на жени пронајдувачи „KIWIE 2017“ што се одржа во Сеул, Република Кореја.
Пронајдокот беше награден и со специјална награда и диплома од Институтот за патенти од Република Турција, златен медал со диплома од Тајландската асоцијација за промоција на пронајдоци и иновации, како и со диплома од Заводот за индустриска сопственост на Република Чешка.
На изложбата, во организација на Корејанската асоцијација на жени пронајдувачи – KWIA и со поддршка од Корејанскиот завод за интелектуална сопственост – KIPO и од Светската организација за интелектуална сопственост – WIPO, учествуваа жени – пронајдувачи од 23 земји со 79 пронајдоци.
Во рамките на програмата на изложбата бил одржан и Форум 2017, на кој било разгледано прашањето како да се обезбеди економски раст преку промовирањето на иновациите и била истакната важноста на влијанието на жените во креирање на своите бизниси заедно со заштитата на правата од интелектуална сопственост .
Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија на меѓународната изложба се претстави и со пронајдокот „Оригинална тераписка шема за тописки третман – локална апликација на вагинални таблети за лекување на инфекција со Human Papilloma Virus и лезии со низок малигнитет на вагината и грлото на матката кај жената во постменопауза (без менструален циклус)” од пронајдувачите Весна Антовска и Милка Трајанова, кој беше награден со највисоко престижната награда „SEMI-GRAND PRIX“.