Според податоците за состојбата на државјани на Република Македонија со важечка лична карта или патна исправа заклучно со 30 ноември 2012 година доставени од МВР, во избирачкиот список се запишани 1.749.038 граѓани од кои 1.686.130 се во државата, а 62.908 се во странство, заклучи денеска Работната група за проверка на избирачкиот список.
– Работната група препорачува во иднина во делот на избирачкиот список да се продолжи континуирано со оваа методологија на работа, изјави Бедредин Ибраими, претседавач на работната група и додаде дека остануваат уште 120.000 граѓани во и надвор од Република Македонија кои немаат извадено нови документи.
Според него, избирачкиот список е прочистен и како таков ќе се користи за локалните избори со можност истиот да се промени според определена динамика на запишување или бришење.
Министерот Никола Тодоров како претставик на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот на партијата дека тие се за фер и демократски избори, особено во делот на избирачкиот список кој во целост треба да е прочистен пред распишувањето на изборите.
– ВМРО-ДПМНЕ нема никаков интерес да имам какви било нерегуларности, напротив ние сме цврсто на ставот дека изборите треба да бидат фер демократски и во согласност со позитивните прописи особено во делот на избирачкиот список кој согласно надлежностите на ДИК треба да се прочисти и да се затвори пред изборите, рече Тодоров,
Дамјан Манчевски од СДСМ истакна дека партијата опстојува на заложбите за одржување фер и демократски избори. Повтори дека за нив е важно избирачкиот список да биде прочистен. СДСМ останува на барањето за целосно исполнување на препотраките на ОБСЕ/ОДИХР, но и да продлжат активностите на работната група и постојано да се следи динамиката на прочистување на избирачкиот список.