Соопштение на Независниот академски синдикат и Професорскиот пленум во врска со усвојувањето на извештајот на ректорот на УКИМ

Од:

Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат испратија заедничко соопштение во врска со одржаната седница на Собраниската комисија за образование, наука и спорт на 27.06.2017.

„На 27.06.2017 година во 12.00 часот се одржа седница на Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија на којашто беше предвидено да се разгледува Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година. Покрај Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски на оваа седница беа поканети и претставници на Студентски парламент на УКИМ, Студентски пленум, Професорски пленум и Независен академски синдикат.

ПП и НАкС ја прифатија поканата од Претседателот на Комисијата, проф. Петар Атанасов, и испратија по двајца свои претставници на седницата. Но, за жал, поради големиот број процедурални забелешки на членовите на Комисијата од редот на опозицијата, на штo се потроши поголемиот дел од времето предвидено за работа, нашите претставници не добија можност да земат збор и да дадат активен придонес во расправата по Извештајот. Можност да зборуваат на таа седница не добија ниту претставниците на СП, ниту претставниците на СПУКМ.

Сепак, сметаме дека јавноста треба да биде запознаена со содржината на она што сакавме да го кажеме доколку ни беше дадена соодветна можност во текот на седницата, затоа што тоа е во функција на подобрување на квалитетот на високото образование и квалитетот на работата на самата Комисија за образование, наука и спорт.

1. Ја поздравуваме подготвеноста на Претседателот на Комисијата за воведување на добра практика, во смисла на отворање на седниците за стручната јавност, а со цел во работењето на комисијата да се вклучат сите засегнати страни кога се во прашање образованието, науката и спортот. Но, сепак, мораме да укажеме дека за вистинска инклузивност, потребно е да се обезбедат можности за активно учество во дискусијата на сите поканети, а не само да се обезбеди нивното формално, физичко присуство.

Исто така, би сакале на членовите на Комисијата од редовите на парламентарната опозиција, кои во оваа прилика отворено ја покажаа својата неподготвеност да слушнат различни мислења од професорите и студентите, да им укажеме дека членовите и поддржувачите на ПП и НАкС имаат различни политички ставови, но нивна заедничка цел е поквалитетно високо образование, наука и спорт. Цениме дека почитта кон стручната јавност е основниот предуслов за да се докаже подготвеноста за работење на реформи во интерес на граѓаните.

2. Ги разбираме и ги поздравуваме заложбите на парламентарното мнозинство за одржување на легалистичкиот континуитет на државата, наспроти гласните барања на дел од јавноста за брзо справување со неправилностите и неправдите од изминатиот период. Но, со оглед на тоа што одлуката на Претседателот на Комисијата да ги вклучи и претставниците на академските здруженија во нејзиното работење претставува политички гест, а не законска обврска, се прашуваме што би требало да значи канењето на претставниците на СПУКМ. Имено, пред точно една година целокупната македонска јавност можеше да се увери дека тие луѓе не ги претставуваат студентите, туку дека со помош на полициско насилство им беше овозможено да ги украдат изборите. Ако проблемот на нивната легалност и легитимност се игнорира и сѐ уште не се решава во органите и телата на УКИМ, дали со поканата за учество во работењето на Собраниската комисија, несвесно не им се дава апостериорен легитимитет на оние кои се сѐ само не легални и легитимни претставници на студентите на УКИМ?

3. По однос на извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети, сметаме дека е потребно Комисијата во иднина да преземе соодветни мерки за прецизирање на методологијата за нивна подготовка со цел да се подобри квалитетот на самите извештаи. Неопходно е во нив да бидат опфатени сите потребни информации, а тие информации да бидат презентирани на начин кој ќе овозможи увид во тоа дали соодветната институција работела во согласност со својата програма за работа и колку успеала да оствари од планираното во извештајниот период.

4. Во таа смисла, забележуваме дека во Извештајот на ректорот за работата на УКИМ за периодот од 16 септември 2015 до 16 септември 2016 година отсуствуваат соодветни податоци по однос на тоа што било планирано за работа во дадениот период и што било предвидено во Стратегијата за развој на УКИМ.

Извештајот изобилува со фактографија и нарации, но тие не се ставени во соодветен контекст за да претставуваат информации од кои може да се процени дали воопшто е направен напредок во некој сегмент од работата на Универзитетот или, пак, имало стагнација и назадување во однос на претходните години. За илустрација, што може да се заклучи за резултатите на УКИМ во поглед на мобилноста на студентите и професорите во периодот 2015-2016 во рамките на Еразмус+, кога е даден само податокот за бројот на поднесени апликации и селектирани мобилности, 97 и 64 кај студентите и 11селектирани и реализирани мобилности кај професорите, а притоа не е даден податокот за вкупниот број на достапни места!? Бројот од 215 потпишани билатерални договори, кој е наведен во Извештајот, не може да биде индикативен во оваа смисла, бидејќи за секој договор се врзани различен број на мобилности. Недостасува и податокот дали бројот на потпишани билатерални договори се однесува на тековната академска година или е сумарен.

5. Загрижувачко е отсуството на каква било информација за важни настани кои го обележаа извештајниот период како: барањата на група сенатори за одржување вонредна седница во врска со изградбата на зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство во кампусот на ректоратот и скандалозните избори за претседател на СПУКМ, барањето на членовите на ПП и СП за присуство на седниците на кои се расправаше за овие барања, како и незакажувањето на вонредните седници од страна на тогашниот ректор, проф. Велимир Стојковски, и покрај статутарната обврска.

Во Извештајот нема ни збор за присуство на полицијата во Кампусот и тоа во неколку наврати, како ни за спектакуларната интервенција на Специјалните полициски сили при приведувањето на професор на Економскиот факултет.

Недостасуваат соодветни и целосни информации и по однос на процедурата за избор на ректор, укажувањата на СП и соодветите барања во врска со нелегалниот статус на претставниците на СПУКМ кои учествуваа во изборот на ректорот.

Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со изборот на претседател на СПУКМ, проблемите кои настанаа притоа, формирањето на Комисијата за истражување на случувањата, како и резултатот од нејзиното работење.

Недостасуваат соодветни и целосни информации во врска со формирањето на Комисијата за измени на Статутот во делот на студентското организирање од страна на Сенатот на УКИМ, како и резултатот од нејзината работа.

Заради недостатокот од соодветни информации од Извештајот не може да се заклучи многу за соработката на УКИМ со Министерството за образование, наука и спорт и други соодветни институции, особено оние кои се надлежни за реализација на програмите од Европската Унија.

6. Она што може да се заклучи од Извештајот, така како што е составен, е дека во извештајниот период Ректоратот на УКИМ не преземал одлучни чекори за решавање на наталожените проблеми во однос на кадровските прашања, просторните и инфраструктурните проблеми и несоодветното финансирање, со оглед на тоа што не постои информација дека истите се адресирани до соодветното министерство.
Дека Владата немала многу разбирање за потребите на УКИМ може да се заклучи од податокот дека од Универзитетот се доставени до Владата барања за 241 вработување, од кои се одобрени само 51. До сличен заклучок води и податокот дека за учебната 2015/16 година од Владата не е одобрен бараниот број места за упис на одредени студиски групи, со што намерно или ненамерно, се подобрува позицијата на приватните универзитети и дисперзираните студии на другите универзитети и се овозможуваат услови за развивање нелојална конкуренција.

Интегративните функции во Извештајот се претставени преку финансирање проекти и организација на културни, уметнички и забавни случувања. Оттаму, останува впечатокот дека интегрираноста на Универзитетот и понатаму останува горливо прашање. Посочуваме дека интеграцијата треба повеќе да се отсликува во начинот на организирање на Универзитетот, неговата структура, политиката на развој и менаџирањето. Постоечкото ниско ниво на интегрираност е плодно тло за развој на проблеми поврзани со матичноста, што од своја страна ги доведува факултетите во ситуација да си конкурираат едни на други во рамките на УКИМ, но и надвор од него.

Во текот на расправата по Извештајот и самите членови на Комисијата упатија голем број забелешки. Сметаме дека за подобрување на квалитетот на високото образование, Комисијата во иднина во својата процедура треба да предвиди можност извештаите за работењето на ректорите на јавните универзитети да бидат усвојувани, откако од нив ќе бидат отстранети сите забележани недостатоци.
И покрај неможноста нашите претставници активно да се вклучат во работењето на седницата на Собраниската комисија за образование, наука и спорт, одржана на 27.06.2017, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат ќе одговорат и на идните евентуални покани, доколку во своите редови имаат членови кои се од соодветните универзитети или се компетентни за дадената тема. Сметаме дека на тој начин ќе го дадеме својот конструктивен придонес во одржување и развивање на добрата практика на соработка на законодавниот дом со стручната, академска јавност“ се вели во соопштението на Независниот академски синдикат и Професорскиот пленум.

Би можело да ве интересира

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

НАкС: Потребно транспарентно финансирање, а не зголемување на студентската партиципација

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски