Денеска во 12 часот и 12 минути, во Република Македонија и на северната полутопка почнува зимата. Во исто време за жителите на јужната полутопка почнува летото.
Тоа е најран датум на почеток на зимата уште од 1896 година. Во тој момент, на северната полутопка сончевите зраци ќе паѓаат најниско над хоризонтот, а највисоко ќе бидат на јужната полутопка, односно над јужниот повратник.
Затоа, денеска на северната полутопка ќе биде најкус ден во годината, а на јужната полутопка ќе биде најдолгиот ден. Во Македонија, најкусиот ден ќе трае 9 часа и 7 минути, кога Сонцето во Скопје ќе изгрее во 6 часот и 58 минути, а ќе заједе во 16 часот и пет минути.
Зимата на северната полутопка е најкратко годишно време и трае околу 88 дена, два до три дена покусо од другите годишни времиња.
Зимата ќе заврши на 20 март 2013 година во 13 часот и две минути, за време на пролетната рамноденица.