Уште многу треба да се работи за да се подобри домувањето кај Ромите. Од суштинско значење е подготовката на Законот за социјално домување, бидејќи сметаме дека со него ќе се донесат одредени мерки со кои на најранливите социјални категории ќе им се овозможи добивање пристојно место на живеење.
Ова денеска го истакна Мабера Камбери, раководител во секторот за координација и техничка помош во Министерството за труд и социјална политика, пред почетокот на завршна конференција на проектот „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“ која се одржува денеска во Скопје, во организација на Хабитат Македонија и граѓанската организација Рома С.О.С.
Целта на проектот е да се зголеми вклученоста и учеството на локалната заедница во процесите на социјална инклузија во домувањето, а со тоа и понатаму да се развиваат и имплементираат човековите права и приоритетите на ЕУ за домување, здравство, образование, вработување, правна и социјална заштита.
Министерот без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Самка Ибраимовски истакна дека ќе ги спроведат заклучоците од ваквите проекти, како и претходните кои ги имаат другите организации.
– Ќе го направиме она што е многу битно за што е можно побрзо да се реализира проектот во делот на домувањето на Ромите, додаде Ибраимовски.
Одговарајќи на новинарско прашање Камбери рече дека проблемот со Ромите кои живеат под Кале веќе е нотиран од Владата. Минатата недела, посочи, организиравме работна средба со претставници од меѓународни невладини организации, со ромските организации, со кабинетот на министерот без ресор. Нагласи дека било направено мапирање на тие семејства чиј број е 30, односно 130 луѓе живеат под Кале.
– Повеќето од нив имаат живеалиште, имаат документи, а одреден број немаат документи и немаат каде да живеат. Подготвивме нов прашалник и во понеделник екипа од МТСП и од невладини организации ќе излезат на терен, ќе извршат повторно мапирање. Имаме направено пет предлози кои сметаме дека би придонеле привремено да се реши проблемот за нивно сместување во касарната Илинден, блиску каде што тие се сместени, да видиме дали има социјални станови кои не се доделени за да може да се доделат…, истакна Камбери.
Потенцира дека веќе им посочиле на Ромите кои живеат под Кале дека може да одат во Чичино село, но, како што појасни, тие не сакале.
– Ние не сакаме присилно да ги преместуваме бидејќи сакаме со нивна согласност да го решиме овој проблем, додаде Камбери.
Александра Савевска од Хабитат Македонија рече дека со проектот се постигнале значајни резултати. Посочи дека имаат подготвено три почетни студии за домување кај Ромите во таргетираните општини Прилеп, Штип и Чаир.
– Основа на овие почетни студии беше теренска анкета во која се опфатија 1.672 жители на ромските населби во градовите и се добија податоци во однос на условите во домот, во локалната заедница и се утврдија основните приоритети за локален развој и потребата за подобрување на условите во домувањето. Потоа се подготви Студија за одржлив урбан развој на супстандардни населби која денеска првпат ќе биде промовирана, рече Савевска.
Додаде дека имаат оформено три локални лидерски групи со претставници од локалното население од таргетираните општини, а имале подготвено и над 17 работилници каде низ париципативен процес и вклучувајќи ги сите засегнати страни ќе се изнаоѓаат начини за неодложно решавање на проблемите поврзани со домувањето кај Ромите и урбаниот развој.