Мостот е моќна метафора за врски и напредок. Да се градат мостови значи да се зближат луѓето, да се надминат разликите и да се оди напред. Јас ја гледам Амбасадата на САД како еден таков метафоричен мост, бидејќи работиме со Македонија и со нејзините граѓани врз основа на заеднички вредности со цел да се движиме напред кон остварувањата на заедничките цели. Ова го истакна американскиот амбасадор Џес Бејли во обраќањето вечерва во Амбасадата на свечениот прием, кој традиционално се организира по повод 4 Јули – Денот на независноста на САД.
Во присуство на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, на премиерот Зоран Заев, министри во Владата, пратеници, градоначалници, претставници на граѓанското општество, на дипломатскиот кор и други гости, тој го подвлече метафоричкото значење на мостовите како тема која е многу соодветна за овој момент за Македонија.
– Ова е време за градење на единство меѓу партиите и заедниците за да се постигне заедничката цел – безбедна, просперитетна и демократска Македонија, која се движи кон НАТО и ЕУ. Ова е време кога треба да комуницирате со вашите соседи, да ги надминете разликите и да ја зајакнете регионалната соработка – понекогаш и буквално преку градење мостови и друга инфраструктура, подвлече амбасадорот Бејли.
Тој нагласи и дека мостовите не се работа која се гради само еднаш, туку е многу важно да се одржуваат, а симболичните мостови, вели, што ги градиме меѓу нашите нации преку соработка и размена исто така бараат негување и одржување од сите нас.
– Мора да продолжиме да работиме заедно да ги зајакнеме врските меѓу нашите земји без разлика дали преку проширување на бизнисот и инвестициите, преку нашите заеднички воени вежби, како што е вежбата „Сајбер гардијан“ која ќе се одржи наредниот месец или преку размена на нашите студенти и граѓани. Преку партнерствата тука работиме заедно да градиме посилна иднина за Македонија, иднина во која граѓаните ќе ги уживаат сите бенефиции на демократијата и членството во евроатлантската заедница, порача Бејли.
Годинешното одбележување на 241 година од независност на Соединетите Американски Држави беше во знакот на мостовите, придружен од кусо видео од позначајните мостови во САД од кои многу имаат посебно историско значерње за таа земја, а присутните го проследија и традиционалниот огномет.
САД на 4 Јули 1776 година прогласија независност од Британската круна.