Заврши наградната игра за собирање електронски отпад што ја организираше компанијата „Елколект“, колективен постапувач со електронски и електирчен отпад и општина Крива Паланка.
Над двесте граѓани на Крива Паланка доставиле стари електрични апарати, опрема за информатичка технологија и опрема за широка потрошувачка и добиле наградни купони за учество во играта, а награди добија најсреќните петмина.
– Покрај подигнувањето на јавната свест во секоја општина за ваков вид отпад, многу големо е и задоволството да се видат насмевките на лицата кои добија соодветни награди за својата одговорност кон природата и животната средина, доставувајќи го електронскиот отпад од нивните домови во пунктот кај автобуската станица. Наградите беа поголеми и помали електрични уреди, изјави Здравко Зинзиров, маркетинг менаџер во „Елколект“.
Крива Паланка беше дел од вториот награден циклус на „Елколект“ со кој беа опфатени и општините Куманово, Ранковце и Гази Баба.
Тој информира дека „Елколект“ како општествено совесна компанија која се грижи за здравјето на луѓето и за зачувување на животната средина од влијанието на овој вид отпад, како и компанија која работи на подигнување на свеста за штетноста на електорнскиот и електричен отпад, веќе втора година по ред работи на вакво иницијативно дејствување.
– Минатата година со првиот циклус на наградната игра придонесоа акцијата да се омасови и некои општини изненадија со своите ангажмани на ова поле. Особено би ги пофалил Берово и Богданци каде беше собрана енормна количина ваков отпад, несразмерен со нашите првични очекувања, додаде Зинзиров. Порача дека омасовувањето е причина повеќе акцијата и наградната игра да продолжат во нареден циклус и во останатите општини од државата.
Според Бранко Велиновски, координатор на спроведувањето на акцијата на локално ниво, и општината се вклучила со дополнителни награди за стимул на граѓаните кои придонеле за намалување на електронскиот отпад во Крива Паланка. Тој додаде дека е задоволен и изненаден сум од одѕивот на паланчани за наградната игра.