Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им се заблагодарува на навивачите и на сите кои дадоа придонес натпреварите на Македонија на Европското првенство за играчи до 21 година во Полска, да поминат во извонредна атмосфера и неверојатно единство помеѓу македонските фудбалери и македонските навивачи кои им беа исклучително важен поттик во текот на Европското првенство.
– Драги навивачи,
Ви благодариме за поддршката која и ја дадовте на репрезентацијата на Македонија.
Не радува прекрасната атмосфера која се создаде на натпреварите на македонската репрезентација. Тврдевме дека Македонија е држава која безусловно го сака спортот, а Вие на вистински начин ја потврдивте поврзаноста кон нашата репрезентација. Ви благодариме!
Нашите репрезентативци покажаа колку им значи поддршката од трибините и со настапот на Европскиот собир, а и со своите изјави ја истакнаа важноста која ја носи поддршката од трибините.
Благодарение на нашите навивачи и поддржувачи, нашата репрезентација, селекторот и стручниот штаб и сите вклучени во селекцијата до 21 година – тоа беше првенство на кое сите можеме да бидеме горди!, се вели во обраќањето на ФФМ до македонските навивачи.
Инаку, Македонија на ЕП У-21 својот настап го заврши со едно реми (Србија 2:2) и два пораза (Шпанија 0:5 и Португалија 2:4) во групната фаза.