Целото планирано производство на најсилниот модел на сите времиња на „Порше 911“ веќе е распродадено, објави германскиот магазин „Ауто Билд“.
Сосема неочекувано „страшниот” „911 ГТ2 РС“ пред публиката е претставен како експонат на Саемот за компјутерска опрема и играчки конзоли Е3 во Лос Анџелес, со кој „Мајкрософт“ го најави последното издание на својата мега популарна автомобилска видео игра.
Најсилниот продукциски „Порше 911“ д сега, го покренува 3,8-литарски битурбо боксер мотор кој е „позајмен” од моделот „911 Турбо С“, а во каросеријата чија маса изнесува 1.500 килограми и која на себе ја носи назнаката „ГТ2 РС“, ќе развива над 700 коњски сили, кои на задната осовина ќе се дистрибуираат само преку автоматски менувач со две квачила.
Наведениот потенцијал на моторот е доволен за забрзување од 0 до 100 километри на час за 2,9 секунди и за максимална брзина од 341 километар на час.
Според информациите со кои располага германскиот магазин „Ауто Билд“, „Порше“ ќе произведе само 1.000 примероци по почетна цена од 260.000 евра, кои сите се веќе распродадени, што значи дека цената (како во случај со моделот „911Р“) многу брзо ќе биде многу повисока.
Првите испораки на купувачите, меѓу кои приоритет имаа сопствениците на хибридните модели „918 Спајдер“, ќе почнат на почетокот на есента.
Утешно е тоа што „911 ГТ2 РС“ во виртуелниот свет ќе може да го поседува и да го вози секој кој ќе ја купи најнова играчка конзола „Иксбокс“ на „Мајкрософт“ и симулацијата „Форца Моторспорт 7“.