Здружението на бизнис жени смета дека иницијативата за зголемување на породилното отсуство на 18 месеци може да има негативни импликации и да го уназади процесот на активно вклучување на жените на пазарот на трудот.
Со ваквата иницијатива, како што посочува Здружението, ќе го зголеми постоечкиот дисбаланс во однос на вработени мажи/жени и родовиот јаз во платите и ќе ја намали амбицијата на жената кариерно да напредува и економски да јакне.
– Како жени ја разбираме загриженоста и потребата да се биде повеќе со сопственото новороденче, но за тоа би требало да се најдат поволни решенија со кои ќе бидат задоволени сите засегнати страни, се наведува во соопштението од Здружението на бизнис жени од каде како можни предлози за надминување на ситуацијата ги посочуваат зголемувањето на бројот на градинките и прифатниот број на деца по градинка и зголемувањето на персоналот и стручниот кадар, стимулирање на користењето на родителското отсуство и кај мажите/татковците, воведување на флексибилно работно време и помал број на работни часови, во договор со работодавачот, за мајки со деца до 3 години…