Судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро, познат како случај „Монструм“, во кој се обвинети шест лица за тероризам почнува денеска во Кривичниот суд во Скопје.
Двајца од обвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се во бегство, а на обвинителната клупа ќе седнат Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Според обвинението, убиствата ги извршиле Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ.
Судскиот процес ќе го води судијата Ивица Стефановски, обвинителка во случајот е Гордана Гешковска, а обвинетите ќе ги брани адвокатот Насер Рауфи.
Денеска се очекува да биде прочитано обвинението и обвинетите да почнат да даваат исказ пред судот.
Убиството, според обвинението имало за цел да предизвика несигурност кај населението и да ја наруши безбедноста во земјава со предизвикување страв кај граѓаните.
Смилковското езеро било под концесија на еден од обвинетите, Фејзи Азири, чичко на Хаки Азири, кому по убиството му е одземена концесијата.
Според исказот на Азири, кој сам се откажа од статусот заштитен сведок, на 12-ти април годинава, Велики четврток, на обиколницата кај Качанички пат ги пречекал Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои дошле со автомобил „опел омега“. Му кажале дека убиле човек и му рекле да вози до неговиот дом.
Обвинителството се повикува на материјални докази, транскрипти од телефонски разговори, како и сведочење на заштитен сведок. Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи тврди дека Обвинителството нема доволно докази.
На 12-ти април годинава без причина беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
По апсењето на обвинетите, во мај беа организирани низа протести во Скопје на кои беше побарано ослободување на обвинетите.