Екипите на штабот за заштита и спасување на Град Скопје работат на терен за расчистување на штетите предизвикани од невремето кое вчера го погоди Скопје и регионот.
Како што наведуваат во соопштението, предизвикана е поголема материјална штета на објектите и зеленилото во расадникот на ЈП „Паркови и зеленило“, искршени се дрвја и оштетено е зеленило на чие расчистување работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“.
– Екипите работат со соодветна механизација на расчистување на паднати дрва, искршени крошни на стебла и искршени гранки од невремето, а на терен е евидентирано и оштетување на дел од цветните површини низ градското зеленило, појаснуваат од Град Скопје.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“ со екипи и механизација работат на терен на чистење сливници и шахти на целата територија на Скопје, но најмногу во Радишани, Бутел, Автокоманда, Чаир и Ченто.
Екипите на ЈП „Улици и патишта“ со механизација чистеа наноси на земја и песок на бул. „Александар Македонски“.
По обилните врнежи на дожд и град на поголем број локации во Скопје се појавија поплави на неколку локации во Скопје, како што се подвозникот на бул. „Киро Глигоров“ (кај Бриколаж) и клучката кај хотел „Континентал“. На овие локации краток период, како што посочуваат во соопштението, се создадоа потешкотии во одвивањето на сообраќајот, а по интервенцијата на ЈП „Водовод и канализација“ и екипите на Противпожарната бригада на Скопје, состојбата за многу краток период се нормализира и сообраќајот се одвива непречено и без застој.