Жарко Луковски, досегашен главен оперативен директор на Македонски Телеком, поради истекување на менаџерскиот договор, на 30 -ти овој месец заминува од компанијата. Неговата функција во период од три месеци почнувајќи од 1 јули ќе ја извршува Назим Буши, досегашен заменик претседател на Одборот на директори на Македонски Телеком, соопштија од Компанијата.
Луковски, кој беше извршен член на Одборот на директори во функција на главен оперативен директор на Македонски Телеком, беше на највисоки раководни позиции во компанијата од 2006 година. Во 2010 година назначен е за главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија, а во 2015 година за главен оперативен директор на Македонски Телеком.
– Под негово раководство беа реализирани проекти кои целосно ја сменија телекомуникациската индустрија во Македонија, особено во областа на развојот на мобилната технологија, како што е воведувањето на 3Г и 4Г мрежата по прв пат на пазарот. Работеше на развој на ИКТ бизнисот како што е проектот „паметен град“ и се залагаше за иновативни решенија како што е мобилното плаќање и воведуваше иновации во начинот на работа на компанијата. Одигра важна улога во спојувањето на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, со што директно допринесе компанијата да ја задржи лидерската позиција на пазарот, се вели во соопштението од компанијата.
Функцијата извршен член на Одборот на директори во функција на главен оперативен директор на Македонски Телеком за период до три месеци, почнувајќи од 1 јули 2017 година, ќе ја извршува Назим Буши, досегашен заменик претседател на Одборот.