Мојата главна порака денеска е – јас сум тука да барам поддршка, и помалку ми е важно кој ќе биде победник, кој ќе биде повешт во аргументите, пораката ми е – ја барам поддршката на грчката Влада и на грчката јавност, нас во овој момент ни треба еден поттик исправено да зачекориме по патот по кој сакаме да одиме, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба во Атина со неговиот грчки колега Никос Коѕиас.
– Немаме скриени агенди и сакаме да бидеме пријател со вашата земја, истакна Димитров.
Тој му се заблагодари на шефот на грчката дипломатија за поканата и што толку срдечно го пречекал.
– Имавме отворена и пријателска средба, прво на само и потоа заедно со нашите делегации. Го информирав министерот за приоритетите на новата Влада. Ние излеговме од тешки години, и цврсто сме решени, дури и независно од тоа дали ќе ни се отвори вратата кон европската иднина или не, да работиме на цврсти институции и на владеење на правото што ќе биде над волјата на политичарите а не обратно, изјави Димитров.
Тој информира дека во надворешната политика приоритетите ќе бидат да се оживеат интеграциите во ЕУ и НАТО, меѓутоа и Македонија да биде што е можно подобар сосед и поблизок пријател на сите соседи и во непосредното и во поширокото соседство, во регионот.
– Јас мислам дека задача на дипломатите е да решаваат проблеми, да отвараат врати, да градат мостови и затоа сум во прва посета токму на Грција, истакна Димитров.
Тој рече дека сака преку конкретни чекори да се изгради една нова, позитивна слика во регионот.
– Ние ќе го изиграме нашето, да се свртиме кон иднината, мислам дека можеме подобро на Балканот од што го правиме сите заедно, и ќе продолжам да давам аргументи и со зборови и со дела, дека е во интерес на нашиот поголем и повлијателен сосед ние да бидеме европска демократија што ќе влезе во НАТО и ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. И убеден сум дека во ваш посед имате многу предности и дека отварањето на патот може да придонесе за, и да помогне, да се затвори главното прашање, рече Димитров.
Тој додаде дека ова е прва средба и патот нема да биде лесен, но истакна дека „има чувсто оти земјата е многу натапкана, практично е станата бетон и ние мора да почнеме да ја работиме за да изникне нешто“.
Во врска со мерките за градење доверба шефот на македонската дипломатија рече дека се интересни и корисни, и оти на денешната средба двајцата министри додале неколку елементи.
– Убеден сум дека чекор по чекор ќе создадеме услови, сега дури зборуваме и за граничен премин, се надевам еден ден во иднина нема ни да има граница во класична смисла на зборот ако сме дел од Европската унија, заклучи Димитров.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас Грчкиот рече дека Грција е отворена да ги поддржи напорите на Македонија за влез во меѓународните организации, но оти мора да се реши прашањето за името.