Европската комисија покрена постапка за казнување на Полска, Унгарија и Чешка поради нивното неучество во распределбата на мигрантите низ земјите-членки на Европската унија, објави денеска еврокомесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос.
Како што јавува дописникот на МИА од Стразбур, во текот на последните месеци, Комисијата постојано ги повикуваше оние земји-членки кои сè уште не преселиле ниту едно лице или кои не се обврзуваат да преселат, истото да го сторат. Но, според Аврамопулос, за жал, и покрај овие повторени повици, Чешка, Унгарија и Полска, спротивно на нивните законски обврски кои произлегуваат од одлуките на Советот и нивните обврски кон Грција, Италија и други земји-членки, сé уште не ги презеле потребните мерки.
Наспроти ова, и како што е наведено во претходниот извештај за преселување и раселување, Комисијата одлучи да започне постапки за прекршок против овие три земји-членки, а доколку во меѓувреме тие нсе се согласат да примат мигранти според релокациската шема на Унијата договорена на ланскиот Самит на Европскито совет, тогаш меѓу казните за овие три ЕУ-земји се наоѓа и онаа за одземање на правото на глас во Советот на Чешка, Полска и Унгарија.
– Не сум најсреќен човек на светот последниве два месеци поради оваа објава. Но, одамна предупредувам каква е состојбата и како овие три земји се однесуваат последната година. Ако Владите на овие три држави расмислат за својата позиција, тука сме да ја смениме нашата одлука. Се уште има време и да се надеваме дека не само регионот, туку и европскиот дух ќе провладее, објави комесарот Аврамопулос на прес-конференција во Стразбур.
Во очи на Самитот на Европскиот совет закажан на 22 и 23 јуни, Европската комисија денеска презентираше четири извештаи за напредокот во однос на мерките преземени во рамки на Европската агенда за миграција. Притоа, Еврокомисијата го нагласи напредокот постигнат во шемите за преселување и релокација во рамки на Европската унија, а исто така извести за функционирањето на Европската граница и на крајбрежна стража и спроведувањето на договорот ЕУ-Турција, како и за резултатите и научените лекции од Партнерската рамка за миграција една година по нејзиното лансирање.
Првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, по овој повод изјави дека „Две години по започнувањето на Европската агенда за миграција, заедничките напори за управување со миграциските текови носат плод“. Во тој поглед, тој истакна дека Унијата може ефикасно да управува со миграцијата во Европа ако сите заедно работат во духот на солидарноста и одговорноста.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, пак, порача дека Брисел ќе продолжи да работи на зголемување на уште поголема соработка со своите африкански партнери, а со цел да се осигураат дека ќе бидат спасени, животи, а мигрантите да се третираат достоинствено и „да се искорени деловниот модел на оние кои го искористуваат човечкиот очај“.
Еврокомесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, пак, истакна дека ЕУ не може и нема да ги остави земјите-членки на надворешната граница сами да се справуваат со проблемот.
– Кога станува збор за релокацијата и преселувањето, дозволете ми да бидам кристално јасен: спроведувањето на одлуките на Советот за релокација е законска обврска, а не избор – запрети Аврамопулос.
Со оглед на тоа што повеќето земји-членки покажаа дека релокацијата функционира ако постои политичка волја, темпото на релокација значително се зголеми во 2017 година, при што скоро 10.300 лица се преселени од јануари оваа година, што е петкратно зголемување во споредба со истиот период во 2016 година. Според информациите на Еврокомисијата, три четвртини или 16.419 лица од вкупно 22.504 преселувања договорени во јули 2015 година, веќе се извршени.
Во исто време, повеќе од една година по договарањето на договорот ЕУ-Турција, и покрај предизвиците, истиот продолжува да дава конкретни резултати, обезбедувајќи ефикасно управување со миграциските текови долж источно-медитеранскиот пат. Бројот на дневни премини од Турција до грчките острови останува на околу 50 лица на ден и во целост, пристигнувањата се намалени за 97 проценти, откако договорот стана оперативен.
Напредокот во целосното функционирање на Европската погранична и крајбрежна стража продолжи во текот на изминатите месеци со над 1.600 офицери кои сега ги поддржуваат националните сили во Грција (каде има 944 офицери), Италија (402), Бугарија (166) и Шпанија (65).
– Потребни се дополнителни напори од земјите-членки да одговорат на повиците за распоредување за тековните операции и да ги затворат празнините и во човечките ресурси и во техничката опрема – додаде Аврамопулос.