КУД „Гоце Делчев“ и Општина Делчево го објавија конкурсот за избор на млад брачен пар за единаесетта по ред традиционална Пијанечко-малешевска свадба. Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ денеска на прес-конференција ги повика младите брачни парови да аплицираат на конкурсот и со своето учество да придонесат во манифестацијата која ги негува и афирмира традиционалните свадбарски обичаи од регионот на Малеш и Пијанец.
– Конкурсот е отворен еден месец, а условите во него се исти како и претходните години. Тоа значи дека основен услов е еден од младите да биде со потекло од овој регион, а исто така, важен услов е тие да имаат склучено граѓански брак или тоа да го направат пред имплементацијата на самата манифестација, истакна Реџепов.
Тој додаде дека нема да има поголеми измени и во самата манифестација.
– Ние се подготвуваме за манифестацијата. И оваа година го продолживме истражувањето со цел да запишеме нови обичаи кои ги има во регионот, а се подзаборевни, а единствената цел ни е да имаме свадба каде ќе оживеат старите свадбарски обичаи и ќе го вратиме Делчево да живее во старото време, онака, како што правеле свадби нашите предци. Поголемиот дел од обичаите од традиционалната свадба ќе се изведат на сцената. Веднаш по празникот Богородица, ќе започне имплементацијата на свадбата, односно обичаите поврзани со канењето на сватовите, плетеницата кај невестата, а централната свадба ќе се одржи првата сабота од септември, истакна Реџепов.
Традиционалната Пијанечко-малешевска свадба има функција за туристичка понуда од регионот и таа е дел од Меѓународниот фолклорен фестивал кој оваа година ќе го има своето 41 издание.
Според најавите, на фестивалот ќе учествуваат 15 фолклорни друштва од земјава и странство. И ова издание на празникот на фолклорното богатство во Делчево е во организација на КУД „Гоце Делчев“, Општина Делчево и Министерството за култура.