Премиерот Зоран Заев во придружба на вицепремиерот Хазби Лика, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор Самка Ибраимоски, пратеникот на СДСМ Петре Шилегов, како и градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи, попладнево го посетија местото на регионалниот пат Тетово-Јажинце кај Порој што од вчера поради големите наноси од кал, земја и камења на Поројска река е во прекин.
Претставниците на Владата и локалната самоуправа се сретнаа со жителите на Порој со кои разговараа за што поскоро отстранување на последиците предизвикани од вчерашното невреме, но и за зафатите што би ги спречиле повторувањата на вакви и слични појави во иднина.
– На втората владина седница беа донесени три одлуки за санирање на состојбите предизвикани од невремето кај Порој, а тоа е формирање комисија под раководство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во најбрз рок, која веќе утре по завршување на правните процедури треба да излезе на терен за утврдување на штетите на земјоделските посеви и нивите бидејќи има луѓе од ова место на кои земјоделието им е единствен извор на приходи, изјави Заев.
Посочи дека ќе се формира уште една владина комисија под раководство на министерот за транспорт и врски со учество на генералниот секретар на Владата, на претставници од Центарот за управување со кризи и други институции за проценка на штетите на инфраструктурата патиштата, мостовите и улиците низ Порој и преземање на што поитни мерки за нивна поправка, бидејќи во моментот педесеттина куќи се отсечени од сообраќајниците и им е отежнат пристапот.
– Сите надлежни државни институции мора да преземат мерки како што е акцискиот план на УНДП за спречување на ваквите појави изготвен пред неколку години да се реализира на терен, односно да се интервенира на речните зафати над селото во планината и да обноват каскадите за да се спречи големата количина вода што надоаѓа и ги предизвикува овие штети. За оваа цел ние ќе ги повикаме и претставниците од месната зедница од Порој и општина Тетово на заеднички состанок во Владата за исплата на надоместроите за штети на жителите и санирање на инфраструктурата, бидејќи ако порано се велеше дека водата што течела пред педесет години повторно може да протече сега со промената на климатските услови овие состојби се се почести, а природата така ни враќа. Ние мора да изнајдеме трајно решение за да го отстраниме стравот од овие жители при секој помал дожд дека ќе бидат поплавени, изјави Заев.
Градоначалничката Арифи им се заблагодари на владините претставници бидејќи, како што рече, дојдоа на самото место за да се уверат во проблемите на населението од Порој. Додаде дека очекува да се преземат уште мерки за што побрзо расчистување на патот и отстранување на наносите и од патот и од земјоделските површини, но и оти ќе добијат поддршка за реализација на акцискиот план што пред две години бил развиен во соработка со УНДП за спречување и намалување на последиците од елементарните непогоди во тетовско.