Замислете колку вода и сапун се потребни да се измие еден автомобил. Сега замислете колку е потребно да се испере најголемиот патнички авион на светот.
Оваа работа обично бара илјадници литри вода, но компанијата „Енирејтс“ пронајде иновативен начин да ја „негува“ својата флота од авиони „Ербас A380“, а притоа да не истури ниту една капка вода.
Авиокомпанијата објави видео-приказ во кој еден од нивните авиони се чисти во хангар во Дубаи и тоа со техниката „суво миење“. Целата надворешност на авионот се прекрива со средство за чистење што потоа се суши и претвора во тенок филм што се отстранува со чиста ткаенина од микрофибер.
Овој метод ја отстранува правта и нечистотијата што се собираат во текот на летањето и авионот го оддржува сјаен без употреба на вода.
За чистењето на „А 380“ се потребни 15 лица и 12 часа работа, а за чистењето на „Боинг 777“ потребни се околу девет часа.
Авионот вообичаено се мие четири до пет пати годишно и тоа со шмркови под висок притисок. Да се измие еден „А380“ потребни се околу 11.300 литри вода, а за миење на „Боинг 777“ потребни се повеќе од 9.500 литри.
Уште една предност на сувото миење е и тоа што истовремено можат да се извршат прегледи и поправки на леталото.