Канцеларијата за животна средина на Обединетите нации (UN Environment) во Скопје во соработка со Македонско еколошко друштво и Центарот за едукација и развој од Теарце со низа активности во Тетово денеска го одбележаа Светскиот ден на животната средина – 5 Јуни. За значењето на овој ден зборуваше претставничката на Канцеларијата за животна средина на ОН Соња Геберт.
-Светскиот ден на животната средина е основан од Генералното Собрание на ОН во 1972 година на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се прославува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот. Секоја година се бира тема за којашто се прават голем број настани од големи компании, невладини организации, заедници и влади насекаде во светот со цел да се подигне свеста за важни прашања од животната средина. Мотото оваа година е – Поврзување на луѓето со природата. Оваа тема има за цел да не потсети да поминуваме повеќе време во природа, да ја почитуваме и славиме нејзината убавина и да се залагаме за заштита на планетата Земја бидејќи секое поинакво однесување кон природата предизвикува големи проблеми во животната средина. Единствен начин на кој може да опстанеме како човештво е одржлив економски развој бидејќи очигледно е дека и најмалите промени како поратсотна темепературата во светот има големо некаде и уништувачко дејство врз околината, а со тоа и врз животот на луѓето и ниванта сигурност околу исхраната изјави Геберт.
Во рамките на денешните активности во Тетово беше организирана велосипедска тура низ градот на која учествуваа ученици од основни училишта, проекција на документарен филм за заштита на животната средина како и претставување на органските градини во основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово.
-Двете органски градини во дворот од училиштето ги изработија нашите ученици во соработка со експерт преку Центарот за едукација и развој од Теарце. Во тек на цела измината недела учениците самостојно ги изработија градините за ароматични билки и цветната градина со употреба само на природни материјали, слама и ѓубриво без никакви хемиски додатоци и пестициди, рече заменик директорката на ОУ „Братство Миѓени“ Даниела Апостоловска.
Покрај активностите во Тетово Светскиот ден на животната средина во Скопје ќе биде одбележан со зелено еколошко осветлување на зградата на шумарскиот факултет.