Дневни аваз – Сараево
Ако знаеме дека просечната месечна плата во нашата земја е 870 конвертибилни марки (КМ), годишен одмор во хотел со пет ѕвезди за семејство со две деца за многу Босанци и Херцеговци е невозможна мисија.
Но, како што се приближува летната сезона, за тие кои ќе се одлучат да летуваат, истраживме колку пари требаат за патување за да уживаат на плажите во Турција, Шпанија, Сицилија, а колку пати требаат за сончање на плажите во Хрватска, Албанија, Црна Гора или пак Неум.
Избор на хотел
За нашите граѓани летување на босанското море и понатаму е најповолна опција, велат бројките. Така во Неум апартман за четиричлено семејство може да се изнајми по цена од 60 до 100 КМ по ден со седумдневен аранжман со вклучен појадок чини 700 КМ. Дополнителен трошок е превозот, бидејќи повратна карта со автобус чини 60 КМ, а исто толку пари чини горивото ако се патува со приватен автомобил.
Тие што ќе се одлучат да летуваат на Хрватското приморје, ќе мора да издвојат минимално две просечни плати. Според понудата, 7-дневно летување во таа земја за четиричлено семејство чини од 1.500 до 3.000 КМ. Семејство со две деца кое ќе се одлучи за приватен апартман, летувањето ќе го плати во просек 2.000 КМ, додека изборот на хотел со полупансион значи дека трошоците ќе пораснат на 2.800 КМ.
Во овие бројки не е пресметан превозот, а карта во еден правец од Сараево до Макарска чини 52,50 КМ, додека цената на повратна карта е 70 КМ. За патување со автомобил до Макарска, ако се оди преку Граничниот премин Загвозд, потребни се околу 60 КМ.
Многу бх. граѓани со години патуваат во Црна Гора со надеж дека ќе поминат многу по ефтино од Хрватска. Но, туристичките работници предупредуваат дека тоа е точно само за Улцињ и околните места, додека другите места во Црна Гора со цените се блиску со Хрватското приморје.
Во Улцињ двокреветна соба може да се најде за 20 КМ по лице, но повеќето се со заедничка бања за по две соби. Апартман за четири лица може да се најде по цена од 60 марки дневно. Седумдневен престој во апартман со појадок чини околу 480 КМ, а хотелско сместување со четири ѕвездички со доручек чини 72 КМ, а за превоз со автомобил преку Граничниот премин Шќепан-Поље требаат околу 80 КМ. Цените на храната и пијалокот се речиси исти како цените во БиХ.
Од „Центротурс” велат дека кога се работи за групни патувања, хит на ова лето се Турција и Албанија.
– Во Албанија имаме понуди само со автобус, а поаѓањето е секој петок. Седумдневно летување во Драч во хотел со пет ѕвезди чини 959 КМ до 1.189 КМ, во зависност од терминот на поаѓање – рече Јасмина Делалиќ, директорка на „Центротурс”.
Бесплатно за деца
Автобускиот превоз на релација Сараево-Драч чини околу 90 КМ по лице, а деца од 4 до 12 години плаќаат 65 КМ. Деца до четири години не плаќаат превоз ако патуваат со двајца возрасни.
Со автомобил од Сараево до Албанија потребни се околу 300 КМ во двата правца, а седумдневно сместување во Драч чини околу 450 марки.
Од туристичката агенција „Сол Азур” ни рекоа дека за граѓаните на БиХ многу попримамливи се егзотичните дестинации, а цените се приближни на летувањето на Јадранот.
– Во понуда ја имаме Сицилија. Со автобуска карта, аранжман од 13 дена чини 679 КМ. А ако патувате со авион, осум дена на истата дестинација чини 1.370 КМ. Добра понуда за тие со малку подлабок џеб имаме и во Турција. Така за престој од 8 до 15 дена потребни се од 600 до 6.000 КМ. Шпанија е малку поевтина, 14-дневен аранжман, кој е многу популарен, чини 880 КМ – наведуваат од оваа агенција.
Цени
700 КМ е 7-дневен аранжман со вклучен појадок во Неум.
3.000 КМ чини 7-дневен одмор во хотел во Хрватска.
820 КМ е минимална цена за 7-дневен одмор во хотел во Црна Гора.
1.189 КМ е 7-дневен аранжман во Драч во Албанија.
1.370 КМ чинат осум дена на Сицилија со вклучен авионски превоз.