МОФ: Екстерното тестирање постигна само оштетени ученици и професори и залудно потрешени пари

Од:

„Младински образовен форум го поздравува укинувањето на екстерното тестирање и им честита на учениците, професорите и пленумците во истрајноста и праведноста на својата борба за подобро образование.

Укинувањето е признавање на недостатоците на екстерното кои се трупаа од година во година, и ослободување од неоправданиот товар кој го имаа учениците, наставниците и јавиот буџет. МОФ го следеше спроведувањето на екстерното тестирање од неговата прва имплементација во учебната 2012/2013 година до денес. Уште првата година изготвивме анализа на политиките, целите и спроведувањето и идентификувавме сериозни технички и правни пропусти и промашувања во поставувањето на целите на екстерното тестирање. Таа година, заедно со МОФ застанаа 25 378 граѓани кои ја поддржаа петицијата на МОФ чија цел беше тогашното тестирање да се прогласи за пилот за да се заштитат учениците и професорите од пропустите. Ставот на граѓаните не беше испочитуван, ниту направена некаква анализа, како што побараа. Поднесовме и претставки до Државниот управен инспекторат и Државниот просветен инспекторат, по што Управниот инспекторат се прогласи за ненадлежен, а ДПИ никогаш не одговори.

Од тогаш до денес никогаш не се направи и евалуација на негативностите и придобивките на екстерното тестирање, ниту пак се редефинираа промашените цели. Според стандардите за оценување во средните училишта од Бирото за развој на образованието, знаењата на ученикот се оценуваат според четири параметри: помнење, разбирање, примена и анализа, синтеза и вреднување, додека преку екстерното се оценуваше само првиот параметар. Според Законот за средно образование, доколку ученикот има оценка 1 во свидетелство не ја завршува учебната година, а запишувањето на оценката недоволен (1) од екстерното тестирање во свидетелствата директно го кршеше овој член. Генерациите кои полагаа екстерно тестирање беа директно оштетени од државата.

Затоа го поздравуваме укинувањето на екстерното тестирање кое имаше целосно погрешно поставени цели, но напоменуваме дека за оваа реформа се потрошени огромни буџетски средства.

Препорачуваме сите податоци добиени од спроведувањето на ова тестирање да се приберат, да се сортираат и да се направи нивна анализа. Препорачуваме новата Влада да воспостави систем на мониторинг и евалуација на средното образование, наставните планови, квалитетот на предавањата, стручното усовршување на професорите и знаењата и потребите на учениците. Само на тој начин ќе може да се креираат реформи и активности кои ќе се потпираат на факти, докази и реалната ситуација во средното образование. На овој начин ќе може да се утврдат реалните проблеми и да се одговори на вистинските предизвици со кои се среќаваат професорите и учениците, а воедно ќе се воспостави пракса на редовно мерење на состојбите и мапирање на проблемите во образованието. Потсетуваме дека е важно учениците да имаат право на учество во процесите на одлучување и нивниот глас да се слуша од институциите и да се гарантира правото на средношколско организирање“ се вели во соопштението на Младинскиот образовен форум.

Би можело да ве интересира

Цената на дипломите на Правен факултет покачена за 50 евра

Искра Манојлоска

МОФ бара итно информирање на учениците за матурските испити, и дополнителен термин за полагање

Ана Ололовска

Советодавен сервис за права на млади – платформа за младинско информирање

Ана Ололовска

МОФ загрижен за квалификациските тестирања во средните училишта

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентските домови имаат буџет од 3,5 милиони евра, а студентите јадат по една банана месечно

Искра Манојлоска

Истражување: Студентските трошоци приближно колку месечна македонска плата

Ана Ололовска