За првпат после 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво во Македонија успеа да фотографира младо од рис.
Во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеа да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега.
Како што информираат од МЕД, Маја, женката рис, која беше обележана со ГПС ги одвела до нејзиното дувло кај младо рисче. Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направи членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.
– Се надеваме дека преку следењето на ова рисче и на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија кои ќе ни помогнат во нивното понатамошно зачувување, велат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис којашто ја спроведува МЕД.
Статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасни единки кои се способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата унијата тој е на праг пред да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Балканскиот рис за прв пат се најде на (IUCN) на 19 ноември 2015 година. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот Парк Маврово и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено.
Програмата е финансирана од фондацијата МАВА од Швајцарија и се спроведува во соработка со фондацијата Еуронатур од Германија и организацијата КОРА од Швајцарија како и здруженијата ППНЕА од Албанија, ЕРА и Финч од Косово и ЦЗИП од Црна Гора.