Министерот за одбрана Радмила Шекеринска – Јанковска беше пратеник во четири мандати (1998-2002, 2006-2008, 2008-2011 и 2011-2014), а ја извршуваше и функцијата вицепремиер за евроинтеграции.
Дипломирала на Електротехничкиот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје и е магистер е по меѓународни односи на Флечер школата за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс во САД. Зборува англиски и француски јазик.
Шекеринска раководеше со Националниот совет за европски интеграции од неговото основање до 2014 година. Беше член на повеќе собраниски комисии, учествуваше во делегациите на Собранието за соработка со Европскиот парламент, Интерпарламентарна унија и други билатерални делегации. Како вицепремиер за евроинтеграции ја подготвуваше кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ и го раководеше процесот на внатрешни подготовки за обезбедување на кандидатскиот статус. За време на нејзиниот мандат, земјава го доби статусот на кандидат за членство во Европската унија.
Во 2009 и 2012 година беше избрана за Шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарлни избори во Киргистан и во Ерменија. Добитник е на наградата Млад глобален лидер што ја доделува Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан.
Радмила Шекеринска беше претседател на СДСМ од 2006 до 2008 година и е единствената жена која досега раководела со една од големите политички партии во Македонија. Во 2008 година е избрана за еден од потпретседателите на Социјалистичката интернационала (СИ), функција што ја извршуваше до 2011 година. Член е на претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.