Јемен оди во насока на „целосен социјален, економски и институционален распад“, предупреди шефот на хуманитарните операции на Обединетите нации Стивен О’Брајан.
Тој на седница на Советот за безбедност изјави дека над 17 милиони лица во Јемен имаат потреба од храна, а околу седум милиони од нив се на прагот од смрт од глад и потреби се итни средства.
– Кризата не е нешто што допрва ќе дојде, таа е тука денес пред очите на обичните луѓе, кои ја плаќаат цената. Жителите на Јемен се подложени на лишувања, болести и смрт пред погледите на целиот свет, изјави тој.
Советот за безбедност на ОН не успеа да ги зближи позициите на завојуваните страни, за да стави крај на граѓанската војна, која две години го пустоши Јемен.
Над осум илјади лица се убиени од почетокот на март 2015 година во воената камања на коалицијата на регионалните земји, предводена од Саудиска Арабија, против шиитските бунтовици Хути, кои се поддржани од Иран и го контролираат главниот јеменски град Сана.
Освен тоа во епидемијата на колера, која изби во април животот го загубија 500 лица, а други 55.206 се заразени, а една третина од нив се деца. Можно е следните шест месеци да се заразат уште 150 илјади лица.