На 20 дена до почетокот на третиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“, капацитетот е исполнет и пријавувањето завршено. Учество ќе земат повеќе од 300 деца од Македонија, Босна, Хрватска, Данска, Романија, Словенија, Црна Гора, Шведска и Шпанија.
– Квалитетот го иницира квантитетот, добрата организација и реализација се основа за довербата, која децата и нивните родители ја имаат во овој проект. Таа е наш мотив и водечка нишка. Од друга страна предизвик е да се учи од капитенот и неговиот тренерски тим. Професионалната поставеност, начинот на кој го пренесуваат своето искуство, непосредниот контакт со секое дете за време на тренинзите но и надвор од нив, ги враќа децата секоја следна година, но раѓа и желба кај нови учесници, е ставот на организаторите на кампот.
Доаѓаат и деца кои прв пат се сретнуваат со ракометната топка, помали и поголеми. Децата се на возразст од 7 – 18 години, поделени во две смени. На годинешниот камп се имаат пријавено девојчињата во најголема бројка до сега. Заради тоа нивните тренинзи ќе се одвиваат во две групи.
Освен задолжителните тренинзи претпладне и попладне и оваа година ќе имаме содржини кои се насочени кон едукација преку забава, прилагодени според годините на децата.