ЕУ дипломатите во Македонија да извршат поголем притисок за посокоро одржување на локалните избори, побарал денеска градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов од францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
На работната средба во Неготино, Апостолов укажал дека е неопходна измена на Изборниот законик зашто најголема штета од истечениот мандат на градоначалниците, како што укажал, трпат граѓаните.
– Притисокот од амбасадорот на Франција и од сите евро дипломати ќе вроди со плод, точката да биде прва на дневен ред во Собранието на РМ зашто граѓаните се чувствуваат како од втор ред, не можат ниту една работа да завршат во општините, изјави Апостолов по средбата.
Тој изрази надеж дека локалните избори ќе бидат распишани за 15 октомври.
И пораката од Тимоние е да се почитуваат роковите за одржување на сите избори, пред се на локалните.
– Актуелната политичка криза да биде страница што побрзо ќе се заврти. Да чекориме заеднички напред кон евроатлантска интеграција на земјата. За тоа треба да се почитуваат роковите за одржување на сите избори, пред се локалните. Ние тој момент го очекуваме со нетрпение и со голем интерес како што впрочем го очекуваат и сите граѓани на Р.М. Станува збор за ургентна одлука која треба да ја донесе Собранието, истакна амбасадорот.
На средбата станало збор и за францускиот јазик при што Апостолов го претставил 20-годишното функционирање на француската паралелка, една од првите во Македонија.