Традиционално на 31 мај со Вердиевата „Аида“, утревечер во Македонската опера и балет ќе бидат затворени 45. Мајски оперски вечери. Оваа година во „Аида“ ќе настапат солисти од Турската државна опера од Истанбул. Режисер е Дејан Прошев, а диригент Вања Николовски-Ѓумар.
Насловната улога ќе ја игра Дениз Јетим, а во екипата се и: Ајше Озкан (Амнерис), Ефе Кислали (Радамес), Тунџај Куртоглу (Рамфис), Џенгиз Сајин (Амонасро), Драгољуб Бајиќ од Србија (Фараон), Надежда Рубен (Главна свештеничка), Марјан Николовски (Гласник).
Ќе настапат оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонска опера и балет. Сценографијата е на Зоран Костовски, костимограф е Елена Дончева, кореограф – Снежана Филиповска.
Македонската опера и балет соопшти дека за време на паузата на претставата „Аида“ ќе приреди коктел за сите присутни, а авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ по случаен избор ќе му додели два билета на најсреќниот посетител.
– „Аида“ е студија на историјата, географијата и религијата на Египет, опера која и денес зазема значајно место во уметничкиот репертоар и е изведувана секоја година во цел свет, наведува МОБ. Премиерно била изведена во Операта на Каиро во 1871 година.