Шведскиот филм „Плоштадот“ на режисерот Рубен Остлунд ја доби наградата „Златна палма“ на 70-от јубилејен Филмски фестивал во Кан.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, победата на Остлунд, кој пред три години со драмата „Виша сила“ освои награда за најдобра режија, претставува изненадување, иако филмот добро помина кај критиката. „Плоштадот“ е необична сатирична комедија за уметничкиот свет.
Наградата на Остлунд му ја врачија претседателот на фестивалското жири Педро Алмодовар и актерката Жилиет Бинош
Францускиот фаворит за највисоката награда „120 отчукувања во минута” на Робин Кампијо, кој говори за подемот на активизмот за борба против СИДА-та, освои Гран при на жирито.
Признанието за најдобар режисер го доби Софија Копола за филмот „Измамени“, кој е римејк на истоименото дело на Дон Сигел од 1971 година. Станува збир за трогателна драма за Американската граѓанска војна со Никол Кидман и Кирстен Данст.
– Му благодатам на татко ми што ја сподели со мене љубовта кон киното, рече ќерката на Френсис Форд Копола, примајќи ја наградата.
Нејзиниот руски колега Андреј Звјагинцев пак го доби најголемото признание од жирито, Звјагинцев ја заслужи наградата со филмот „Без љубов“, кој е слика на бруталното и нехумано руско општество.
Никол Кидман, освои специјална награда на жирито по повод јубилејното 70-то издание за улогите во два филма – „Измамени“ на Софија Копола и „Убиството на светиот елен“ на Јоргос Лантимос.
Даен Кругер ја доби наградата за најдобра актерка за улогата во „Во сенката“ на режисерот Фатих Акин.
Американскиот актер Хоакин Феникс освои статуетка за најдобар актер за улогата во ветеран од Ирак во психолошкиот трилер на британската режисерка Лин Ремзи „Никогаш не си бил всушност тука“.
Златна камера за деби освои „Млада девојка“ на француската авторка Леонор Серај.
„Златна палма“ за краток филм му беше доделена на 15-минутниот кинески филм „Нежна ноќ“ на режисерот Циу Јан.