Во манастирот „Свети Илија“ кај Мелница, Мариово, денеска по 33. пат се одржаа „Мариовско-мегленските културни средби“.
Се собраа сегашните и некогашните жители на Мариово и со песна, оро и презентирање на традиционалните мариовски носии и јадења, се потсетија на некогашните времиња. Манифестацијата е во организација на Здружението „Мариовско мегленски средби“ од Прилеп, под покровителство на општина Прилеп и на Министерството за култура.
На манифестацијата настапија КУД од Прилеп, Битола, Новаци, Крушево, Кавадарци, како и ансамблот на Стевче Стојкоски од Скопје. Програмата, со хумор и сатира од мариовскиот крај, ја надополнија актерите од Прилепскиот театар, а писатели од Друштвото на писателите на Македонија, кои на претходно објавен конкурс од страна на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ беа наградени, прочитаа своја поезија.
Според Стоја Ѓуровски, претседател на Здружението, Мариовско-мегленските средби се негување на фолклорното и културното наследство на регионите, зближување на населението од двата региона на Мариово и Меглен, средба на лица кои се иселиле од регионот, како и остварување на културната размена во пошироки рамки
– Во иднина планираме, сонуваме и си поставивме како задача овие Мариовско – Мегленски културни средби да се одржат и во Меглен и да соработуваме и со други здруженија надвор од границите на Македонија, кои ги негуваат овие културни, традиционални вредности, рече Ѓуроски
За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, Мариовско – мегленските културни средби преставуваат една од многуте културни настани кои локалната самоуправа ги поддржува.
Посочи дека целта на манифестацијата е промоција на Мариово, за луѓето од регионот и од другите градови од Македонија и надвор од неа, да се запознаат со убавините на овој крај, со неговата богата традиција, култура и историја.
– А дека се средбите успешни говори присуството на стотици луѓе кои пристигнаа да бидат дел од овој настан. Ние како локална самоуправа во текот на годината организираме и дргуги настани во овој крај, мариовската тура со велосипедизам, џип турата „Мариово“ планинарења, излетнички тури…, но тоа не е доволно за промоција на Мариово.Треба да работиме и на други форми, кои што овој крај би го презентирале пошироко како еден од најчисите и нејеколошките региони во Македонија, погоден за развој на руралниот туризам, рече Ристески
Во духот на традицијата на Мариовско-мегленските културни средби беше поставена и изложба на народни носии и рачни изработки, карактеристични за овој мариовско крај кои ги презентираше Здружението на жени „Мајка традиција“.
– Целта е да се зачуваат мариовските носии, килими и везаниците, кои ги изработувавме ние, нашите мајки и баби. А в година, планираме во овој манастир да отвориме и етно соба за да ги изложиме и јавно овие традицонални експонати од мариовскиот крај, рече претседателката на Здружението, Љубица Петреска.