Британската премиерка Тереза Меј денеска за време на средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп на самитот на НАТО во Брисел, ќе изрази загриженост поради истекувањето разузнавачки податоци во американските медиуми за самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, објави „Гардијан“.
Телевизијата Скај њуз јави дека британската Влада е „гневна“ поради истекувањето серија детали во врска со истрагата за нападот на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во понеделникот, во кој беа убиени 22 лица.
– Од претседателот Трамп ќе барам разузнавачките податоци што ги споделуваме со Американците да останат тајни и безбедни, изјави Меј во Лондон, пред заминувањето на состанокот на лидерте на земјите членки на НАТО.
Нејзината изјава доаѓа по соопштението на британската полиција, вклучена во истрагата за терористичкиот напад во Манчестер, дека од денеска престанала да ги споделува своите сознанија и наоди со американските разузнавачки агенции, затоа што двапати детали за тоа се појавија во „Њујорк Тајмс„,
Американците пред Британците го објавија идентитетот на бомбашот-самоубиец Салман Абеди (22), само неколку часови по извршениот напад, во кој беа убиени 22 лица, а 116 други беа повредени, од кои 20 се во критична состојба.
Извори блиски до истрагата изјавија оти доверливи и разузнавачки созанија на полицијата од Манчестер ќе продолжат да се споделуваат со американските безбедносни служби, тогаш кога ќе престане нивното појавување во медиумите од другата страна на Атлантикот, но дека засега размената е целосно прекината.
Британски полициски експерти сметаат дека појавувањето на разни податоци и сознанија поврзани со нападот и наштетуваат на истрагата и се спротивни на британската практика во вакви ситуации.
Британската министерка за внатрешни работи Амбер Рад вчера изјави дека е „иритирачко“ тоа што деталите за бомбашкиот напад на концертот во Манчестер „истекле“ до американските медиуми, пред да бидат објавени во Велика Британија, наведувајќи дека за тоа разговарала со властите на САД и нагласи оти тоа не смее да се повтори.
– Британската полиција беше мошне јасна дека сака да го контролира протокот на информации за да се заштити интегритетот на операцијата… Така што иритирачки е кога информациите ќе дојдат од други извори и јас бев целосно јасна со нашите пријатели дека тоа не смее да се повтори, рече Рад.
На прашањето дали американските власти со тоа ја загрозиле истрагата, Рад одговори: „Не би одела толку далеку“.
Велика Британија и САД со години имаат воспоставено практика на двострано разменување безбедносни и разузнавачки податоци, што потоа се споделуваат во едната или во другата влада.
Во оваа „мрежа“, која се заснива на високиот степен на доверба меѓу земјите и нивните безбедносни агенции, а многу помага во борбата против меѓународниот тероризам, се вклучени и Канада, Австралија и Нов Зеланд.