Во спомен домот на „Браќата Миладиновци“ во Струга вечерва беа промовирани нова веб страница и промотивни материјали за музејот „Др. Никола Незлобински“, во рамки на одбележувањето на 18 мај, Меѓународен ден на музеите.
Оваа година музејот „Др Никола Незлобински“, како што истакна директорот Милован Шутиноски, става акцент на отвореноста кон широката јавност.
– Како институција која е уникатен претставник на природното и културното наследство, Музејот поседува огромен потенцијал и може многу да допринесе за општеството. Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите, вчера беа отворени две изложби од едукативните работилници на нашите кустоси, а децата учесници преку своите дела ги презентираа своите видувања за богатото природно и културно наследство, информира Шутиноски.
Годинашаната тема на одбележување на Меѓународниот ден на музеите е „Музеите и спорните истории: Кажувајќи го неописливото во музеите“, а утре во Скопје во организација на ИКОМ – Македонија ќе биде презентирана уникатната природно-научна поставка на Струшкиот музеј.