Премиера на детската оперета „Пролетна приказна“ на Мајски оперски вечери

Од:

На програмата на 45-ти „Мајски оперски вечери“, во сабота напладне во Македонската опера и балет, детскиот хор „Фалсето“ при МОБ премиерно ќе ја одигра оперетата „Пролетна приказна“ од композиторот Стојан Стојков.

Детската оперета „Пролетна приказна“ го отсликува будењето на пролетта и природата во неа. Музичкиот израз на делото кореспондира со естетските и технички елементи прилагодени на возраста на децата од предучилишна и училишна возраст, а хармонските елементи во него се едноставни, со јасна тонална подлога. Делото ги содржи сите формални елементи на жанрот опера: хор, солисти, дуети, балет и инструментална подлога, а во него авторот внесува и наратори кои ја водат приказната преку рецитативната форма. Инспирирана од детската поезија на неколку македонски поети, во драматуршка адаптација на самиот автор, во „Пролетна приказна“ значајна улога игра и орфовиот инструментариум.

Оперетата е според текстовите на Ванчо Николески, Стојан Тарапуза, З. Стојановиќ, Васил Куновски, Благоја Пановски, а во драматуршка адаптација на Стојан Стојков.

Режисер на оперетата е Трајко Јордановски, диригент на хорот е Теа Богатинова, а костимограф е Никола Ефтимов. Во придружба на хорот настапуваат Доминика Робе на пијано и Тео Теодосиевски, перкусии. Солисти се Јана Диралова, Софија Стојковска, Теодора Блажевска, Луна Бејков, Оља Алексовска, Теона Јаневска, Маријана Андоновска, Јована Филиповска.

Премиерата на оперетата „Пролетна приказна“ е дел од манифестацијата European Opera Days-Opera Panorama што се одржаа од 5 до 14 мај во 18 европски земји, со учество на 70 оперски институции, меѓу кои и Македонската опера и балет.

„Европски оперски денови“ е иницијатива на Опера Еуропа, европска организација за професионални оперски компании и фестивали и РЕСЕО, Европска мрежа за оперско-балетска едукација. Соработката помеѓу МОБ и Opera Europa, започна во 2008 година. Секоја година Opera Europa, дава програмска рамка, која како тема се реализира од страна на оперските куќи ширум Европа, со цел прославување на Европскиот ден на операта.

Детскиот хор „Фалсето“ при Македонската опера и балет е формиран во 2016 година и брои 40 членови на возраст од 9 до 15 години. Основна идеја и цел на ансамблот е воведување на децата во светот на класичната музика и запознавање со оперскиот репертоар, совладување на хорската техника и стекнување хорска култура. Главна активност на малите хористи е учеството во оперските претстави на големата сцена каде тие добиваат можност да настапат рамо до рамо со реномирани уметници. На овој начин хорот придонесува за зголемување на интересот и нивото на музичката култура кај децата и подготовка за нивниот понатамошен професионален музички развој. Со хорот раководи Теа Богатинова, дипломиран музичар, композитор, диригент и долгогодишен хорист.

Би можело да ве интересира

Концерт „Легендите живеат вечно“ во Македонска Филхармонија

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Пријавата за напад стигнала во МНТ, полицијата апелира на смиреност, евакуирани повеќе институции

Ландов

Полицијата го блокираше центарот на Скопје, неофицијално има дојава за бомба

Ландов

Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ

Ана Ололовска

Гала оперски концерт во НОБ

Ана Ололовска