Манчевски: Секој треба да ужива во своите човекови права без разлика на неговата сексуална ориентација

Од:

17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобија, трансфобија и бифобија (IDAHOBIT) е ден за сериозни разговори и за славење на различностите, изјави холандскиот амбасадор Ваутер Пломп денеска на конференцијата посветена на состојбата со правата на ЛГБТИ-лицата во Македонија и напредокот на земјата во процесот на евроинтеграциите.

– Во Холандија имаме многу дебати за ЛГБТИ заедницата, за борбата против дискриминацијата, како и посебен член од законот кој се однесува на тоа. ЕУ има усвоено насоки токму за овие прашања, кои се темел на демократијата. Многу често правиме измени на законите и практиките, кои се во полза на граѓаните на земјата. Промените во законодавството се важни за сите граѓани, затоа што со нив се промовираа и се подобруваат нивните права, кои се основни и универзални човекови права, како што е правото на живот, правото за безбедност, правото за заштита на законот, право на семејство. Тие се клучни за ЕУ, а мора да се случат и во Македонија. ЛГБТИ лицата мора да станат повидливи, поприсутни во мејнстрим медиумите и дебатите, а политичарите да говорат за овие проблеми како во партиите, така и во јавноста – рече Пломп.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски на конференцијата истакна дека ова е симболичен ден и го поздрави тоа што политичките партии храбро зборуваат на овие теми. Сепак тој истакна дека во самите политички партии не ретко има консензус.

– Што ќе направиме? Се она што ветувавме претходно. Јавно кажуваме дека еден од приоритети е воспоставување на еден целосно нов систем за отстранување на сите форми на дискриминација, реформирање на КЗД со нови лица кои ќе се посветат на работат на овие права, промена на Законот за заштита од дискриминација. Ќе спроведуваме обуки на судии за препознавање на дискриминација за судска заштита. Сведоци сме на насилства од омраза. Секој треба да ужива во своите човекови права без разлика на неговата сексуална ориентација. Јавно признаваме дека оваа категорија луѓе годиниве се една од најдискриминирани граѓани во Македонија, рече Манчевски.

Тој истакна дека државата наместо говор на омраза, ќе промовира толеранција кон сите што се различни и оти ЛГБТИ заедницата има партнер во новата власт.

Активистот и претседател на „Субверзивен фронт“, Антонио Михајлов и покрај тоа што СЗО ја тргна хомосексуалноста од класификацијата на болести, патологизирањето се уште е присутно за транс лицата.
– Транс лицата се уште ги има во класификацијата, како родова дисфорија. За среќа Македонија ја декриминализираше хомосексуалноста. Последниве 10 години има закони: некои ја имаат сексуалната ориентација како заштитна основа, но родовиот идентитет не фигурира во законодавството, како и самата практика во менување на законите. Македонија е на дното од европските земји. Во 2017 година уште многу прашања стојат нерешени – вели Михајлов додавајќи дека Европската комисија ги нотира овие проблеми во извештајот за напредокот на Македонија.

Тој истакна регистрирани се шест кривични дела од омраза и оти пет од нив се уште не се решени, а шестиот наместо како напад од омраза, е класифициран само како обично насилство.

– Се уште немаме Прајд, немаме јавно истапување на активистите, одговорност на политичарите и на заедницата. Потребна е поголема видливост на проблемите и потребите. Заштитата од дискриминација е приоритет, како и сексуалното образование, кое е неопходно за борба против дискриминацијата и хомофобијата – рече Михајлов.

Тој побара од присутните претставници од партиите и од новата влада исполнување на пет главни точки за унапредување на состојбата на ЛГБТИ-заедницата.

1. Подобрување и зајакнување на законската рамка за заштита од дискриминација на сите, а вклучително и ЛГБТИ лицата
2. Воведување на сеопфатно сексуално образование во формалните образовни програми
3. Реформа на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) со зголемување на нејзината независност и ингеренции
4. Решавање на досега поднесените пријави на кривични дела од омраза и говор од омраза врз основа на СОРИ
5. Зголемување на јавната свесност за потребите и проблемите на ЛГБТИ лицата со меѓу другото, поддршка во организацијата на Парада на гордоста.

На крајот на Конференцијата беше доделена и наградата „Поддржувач на годината“, која годинава му беше доделена на лидерот на Либералната партија Ивон Величковски.

– Ова не е признание за мене, туку за екипа на луѓе кои веруваат во слобода и слобода на сите. Во следните кампањи да немаме одредба за што се залагаме, тоа да биде веќе имплементирано. Останете истрајни на својата верба и својата определба, остануваме доследни во она што го застапуваме – рече Величковски, примајќи ја наградата.

Би можело да ве интересира

Жител од Демир Капија обвинет поради омраза кон маргинализирана група

А1он

ТРАНСФОРМА: Да ги засилиме транс-гласовите, одбиваме да бидеме жртви

Ана Ололовска

Во САД се бара да се забранат книги со ЛГБТ тематика

А1он

Со боксови нападнат ЛГБТИ активист во Сарај: Ќе те убиеме, а другарките ќе ги силуваме

Кристијан Ландов

Во Канада најмногу се почитуваат ЛГБТИ правата, земјава на 83. место

Сандра Бошковска

Манчевски за денеска најави први резултати по реакциите за непотизам