Археолошкиот музеј на Република Македонија трета година се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите 18 Мај. Музејот утре од 13 часот ќе организира настан за најмладите, насловен „Запознавање со археологијата”. Гости во музејот ќе бидат ученици од прво одделение од скопското основно училиште ООУ „Коле Неделковски”.
– Оваа година акцентот го ставивме на најмладите кои ќе имаат можност да стекнат знаење за археологијата, археолошките локалитети и артефакти пронајдени на денешната територија на Република Македонија. Нашата цел е уште од најрана возраст да се развие свеста кај нив за посета на вакви институции, а ние преку игра да се обидеме да им ги пренесеме основните информации за богатото културно наследство. Се надеваме дека во иднина најмладите ќе бидат нашите најчести посетители. Ним им останува да го негуваат културното наследство, а на нас е да им пренесеме дека тоа е всушност непроценливо. Да не заборавиме дека тие се нашата рефлексија, соопшти Археолошкиот музеј.
Интернационалниот ден на музеите традиционално се одбележува на 18 мај од 1977 година, со цел да се подигне свеста за важноста на музеите и културното наследство во развојот на едно општество.
Темата која оваа година ја зададе Меѓународниот совет на музеите (ICOM) и која важи за сите земји за 2017 година е „Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ (Museums and contested histories: Saying the unspeakable in museums).