Јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин денеска предупреди дека постои „голема веројатност“ за воени судири долж границата на неговата земја со Северна Кореја.
– Живееме во реалност во која постои голема веројатност за воени судири долж спорната поморска граница крај корејскиот западен брег или долж копнената граница што ги раздвојува двете земји, наведе Мун за време на посетата на јужникорејското Министерство за одбрана.
Тој за време на изборната кампањата се залагаше за дијалог со Северна Кореја.
Министерството за обединување на Јужна Кореја претходно соопшти дека нивниот став е оти би требало да се отворат линии за комуникација со Северна Кореја.
– Нашиот основен став е дека би требало да се отворат линии за комуникација меѓу Северна и Јужна Кореја. Министерството за обединување разгледува различни опции, но се уште ништо не е одлучено, нагласи портпаролот на Министерството Ли Дук-хаенг, објаснувајќи дека претставници на властите во Сеул секојдневно одат во канцеларијата за комуникација што се наоѓа на границата меѓу двете земји, со цел да проверат дали има одговор од Пјонгјанг.
– Комуникациските канали меѓу двете земји ги прекина Северна Кореја во февруари 2016 година, истакна Ли.