-Пред почеток на нова Влада сме. Цело време се боревме минималната плата да ја зголемиме и еве пред да стартува Владата, први вакви средби правиме со вас работниците! Ова го порача претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски, кој имаше средба со работничките и работниците од источниот дел на Македонија, во Штип.
На состанокот тие разговараа за условите во коишто работат работничките и работниците и мерките што ќе ги преземе новата реформска Влада за да им обезбеди достоинствена работа и егзистенција.
-Приоритет на новата Влада ќе биде покачување на платите, пред се на минималната плата, бидејќи не е фер макотрпно да работите, а платите да не се доволни за живеачка. Тоа ќе го направиме за да можете вие, вредните работници, да имате нормален живот и достоинствено вреднување на вашиот труд. Новата Влада ќе ја зголеми минималната плата на 12.000 денари и што е најважно тоа зголемување ќе важи за сите подеднакво, вклучително и за работниците од индустријата за текстил, облека и кожа. Секој кој работи во оваа индустрија ќе добие зголемување на платата од 2.400 денари. Овие пари, вие работниците повторно ќе ги трошите за најпотребните работи во домаќинството и тоа ќе значи придвижување на економијата, рече Тевдовски.
Тој објасни дека и работодавачите од оваа индустрија ќе бидат финансиски поддржани од новата Влада, за да може да го исплаќаат зголемувањето на минималната плата, со што ќе се осигураат работните места на луѓето.
Работниците со радост ја коментираат најавата за зголемување на минималната плата којашто досега ќе беше покачена да беше избрана новата Влада. Очигледно е огромното разочарување од досегашната власт којашто цели 10 години не ги заштити работничките права. Тие се пожалија на прекувремена работа којашто не им е платена, на мизерно ниски плати, на лоши и тешки услови за работа.
Претседателот на комисијата за економија, Драган Тевдовски најави дека новата Влада ќе работи заедно со работниците и работотдавачите на условите за зголемување на платите, заштита од државата на работничките права и подобрување на условите за работа, бидејки целта на новата Влада е квалитетен живот за сите.