Бранителот Димче Манчов од Кочани, поранешен професионален војник во редовите на АРМ, а денес полицаец во МВР како надомест на нематеријална штета поради трауми претрпени во војната 2001 година добил околу 7 илјади евра. Сега, министерството за одбрана со пресуда од Врховниот суд преку извршител му ги бара парите за оштетата назад. Со додадената камата на парите кои ги земал Манчов, износот кој тој треба да го врати е над 20 илјади евра.
Поранешниот припадник на АРМ, Димче Манчов, за А1он вели дека ни тој самиот не знае зошто после толку години министерството ги бара парите назад.
-Стварно не знам зошто ова се случува. Во 2007 година Врховниот суд донесе одлука, парите добиени како оштета за бранителите од 2001 година да бидат вратени, но тогаш имаше граѓанска иницијатива која се спротистави на ваквата одлука и таа е веднаш повлечена, вели за А1он, Димче Манчов.
Манчов смета дека министерот Јолевски ќе сфати дека ова е невкусна грешка и трајно ќе го повлече барањето за надоместокот од 370 илјади денари кој тој ги добил, плус каматата од 700 илјади денари.
Екс припадникот на армијата вели дека не верува многу во политичарите, па не очекува многу од смената на власта во државата.
Димче Манчов ја добил оштетата поради немилиот настан кој се случил во Ваксинце 2001 година каде еден припадник на АРМ бил повреден, а двајца загинале пред неговите очи. Војниците на АРМ, го напуштиле оклопниот транспортер кој ги пренесувал со цел да преместат земјоделско орудие кое го попречувало патот. Во тој момент кон оклопното возило од повеќе автоматски пушки биле испукани рафали од кои смртно се ранети двајцата припадници на армијата од кои едниот старешина, а другиот професионален војник.
Како последица на претрпените трауми, Манчов се здобил со последици по неговото здравје по што од страна на адвокат била покрената тужба до министерството за одбрана. Основниот суд Скопје 1 одговорил позитивно по тужбата на Манчов и донел пресуда со која поради претрпениот страв тој добива паричен надомест од 370 илјади денари.
Од страна на министерството за одбрана до Апелациониот суд била покрената жалба, но судот ја потврдил одлуката на Основниот суд Скопје 1 и го задолжил министерството да го исплати надоместокот на Манчов.
Во членот 205 од законот за обликации се вели дека не може да се бара враќање на платен износ и во име на надомест на штетата поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт доколку исплатата му е веќе извршена на извесен прибавувач.
-Го повикуваме министерот Зоран Јолевски веднаш да го повлече барањето до полицаецот Манчов со законска камата да ја врати земената оштета. Се надеваме дека Јолевски ќе покаже трошка совест и веруваме дека покрај се, тој е чесен човек и пред да ја напушти неговата функција ќе го повлече ова барање бидејќи врз основа на членот 205 тој има право да го направи тоа, вели Стојанче Ангелов.
Тој најави граѓанска иницијатива за собирање на парите за Манчов доколку министерот Јолевски не ја повлече одлуката Манчов да ги врати парите кои му се дадени како оштета за претрпениот страв.
Виктор Јованов