Машката ракометна репрезентација на Македонија претрпе минимален пораз од Исланд со 30:29 во натпреварот од 4.коло во квалификациите за Европското првенство што следната година ќе се одржи во Хрватска.
Во дуелот од групата 4 одигран во Рејкјавик, нашите ракометари во првиот дел постојано беше во водство, кое домаќините успеаја да го стигнат и на пауза да заминат со изедначен резутат 16:16. Во второто полувреме Исланѓаните го искористија периодот на лоша игра на црвено-жолтите со играч помалку, па со серија од три гола Исланд се одлепи на четири гола разлика (28:24).
До крајот на дуелот Македонија успеа само да го намали резултатот, но немаше време за изедначување, па натпреварот го заврши со минимален пораз од 30:29.
Најефикасен во нашата селекција воедно и на натпреварот беше капитенот Кирил Лазаров со 8 голови, додека Дејан Манасков постигна 7, а Филип Миркуловски 6 гола. Кај Исланд најефикасни беа Гудмунсон со 7 и Карасон со 6 постигнати голови.
По овој меч четирите селекции во ова група имаат идентични четири бодови, а редоследно на табелата се сместени: Чешка 4 бодови (+10 гол разлика), Македонија 4 (+3), Исланд 4 (-5), Украина 4 (-8).
Така последните две кола во квалификациите ќе бидат неизвесни и ќе решаваат кои две репрезентации ќе играат на ЕП. Следните натпревари Македонија ги игра на 15.јуни со Украина на гости и на 18.јуни на домашен терен.