Во Струмичко денеска беше одбележан Св. великомаченик Георгиј Победоносец (Ѓурѓовден).
Млади девојки облечени во народни носии играа оро, испеаја љубовни песни, плетеа цветните венчиња и седнаа на нишалка. Онака како што Ѓурговден некогаш се славел, како празник на новиот почеток и новата среќа.
Секоја година Здружението на граѓани „Струма“ и ансамблот „Тримери“ ги прават ѓурговденските обичаи за зачувување на традицијата.
– Ѓурѓовден е најголемиот пролетен празник со кој почнува летниот период кој трае се до Митровден. Најпрвин момите излегуваат на ливада, во поле, кинат од разбудената вегетација, се лепат со растението народски познато како „лепешка“ верувајќи дека ќе имаат среќа во љубовта, објасни Добрила Достинова од Здружението „Струма“.
Во делот на струмичките обичат поврзани со овој празник, девојките врзуваат лулашка на дрва кои се симбол на плодност и јачина и тука се нишале верувајќи дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Постарите струмичани раскажуваат дека печалбарите на овој празник ги договарале плановите за пат.
– Ѓурѓовден е еден од најголемите и најубавите пролетни празници. Тој е празник на земјоделците и сточарите и го слават не само христијаните, туку и останатото население во Македонија и сите христијани во светот. Тој е неподвижен празник, секогаш се прославува на 6. мај по новиот или на 23 април по стариот календар. Суштина на празнувањето на овој голем празник е будењето на природата, вегетацијата и на животот воопшто, објасни етнологот Иван Котев.
Котев рече дека ден пред празникот, на 5 мај, во повеќе села во подгоријата на планините Беласица и на Огражден се славел овчарскиот празник, древен, ендемски обичај. При што се колел курбан, најубавото и најздравото машко јагне, се пече на ражен и со бројни обреди и дејствија во кои учествува целата фамилија и пријатели од други места, се прославува доаѓањето на Ѓурѓовден.
– Некогаш кога струмичката котлина обилувала со стока, на Ѓурѓовден, рано пред да изгрее Сонцето, стоката се носела „на роса“. Се терала покрај реките, изворите, пасиштата богати со бујна трева, обичај кој требало да ја манифестира слеаноста на земјоделците и сточарите со природата, а девојките го ваделе својот чеиз на балконите, го распостелувале за да се види колку и што имаат, додаде Котев.