Руските туроператори не планираат да ја прекинат соработката со партнерите од Црна Гора, без разлика на препораките од портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, пишува денеска рускиот портал Медуза.
-Договорите со странските партнери се склучуваат многу пред отворањето на летната сезона и досега немавме причина да ги раскинуваме, изјави шефицата на компанијата ПАКС за соработка со Црна Гора, Галина Максимова.
Според неа, компанијата ќе мора да ги раскине договорите само доколку добие наредба од Министерството за надворешни работи или Ростуризам.
-Луѓето гледаат вести, се јавуваат во компанијата и прашуваат дали навистина во регионот може да очекуваат опасност. Но, тоа се само прашања, никој се уште не откажал ниту еден аранжман, рече Максимова.
Порталот Медуза пишува дека оваа информација ја потврдуваат и во компаниајта „Ванд“.
-Мојот колега во моментов се одмара во Црна Гора и не јавува за било какви за лоши односи кон Русите. Нема да ги раскинуваме договорите со црногорските компани, дури спротивно на тоа, оваа година таму имаме и нови партнери, за Медуза изјави Људмила Мељник, задолжена за Црна Гора во таа компанија.
Портпаролката на Рускиот сојуз на туристичката индустрија, Ирина Тјурина, за порталот изјави дека предупредувачките изјави на претставниците на руските власти имаат „исклучиво политички карактер“.
Медуза потсетува дека Захарова на 20 април изјави дека во Црна Гора постои „експлозија на антируска хистерија“ и предупреди дека се можни апсења на руски државјани и нивна екстрадиција на „трети држави“.
Во рамки на руските закони, изјавата на Захарова нема никаква правна сила и не е обврзувачка за туристичките фирми.
Основа за забрана може да биде смао официјално соопштение на Министерството за надворешни работи или Ростуризам за тоа дека во некои региони постои опасност по безбедноста на животот и здравјето на државјаните на Русија. рече Ана Гладун од Правниот одбор на Рускиот сојуз на туристичката индустрија.
„Медуза“ потсетува дека во последниот 1,5 месец во неколку руски медиуми се појавеја написи за тоа дека Црна Гора не е безбедна за Русите.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров за 23 март изјави дека Црна Гора поради влез во НАТО ќе ги жртвува своите економски односи со Русија.