Јужнокорејци денеска рано гласаат за избор на нов претседател, кој ќе ја замени разрешената претседателка Парк Геун-хје.
Раното гласање, пред изборите кои се закажани за иднио вторник, се одржува денеска и утре на околу 3.510 гласачки места ширум Јужна Кореја.
Националната изборна комисија објави дека околу четири милиони луѓе од вкупно 42.479.710 граѓани со право на глас, гласале до пладне.
Тоа се први претседателски избори со можност за рано гласање во Јужна Кореја, која веќе организираше таков вид на гласање за парламентарните и локалните избори.
Предизборните анкети покажуваат дека либералниот кандидат Мун Џае-ин е во водство во однос на своите два главни противника – едниот центрист и едниот конзервативец.
Победникот ќе положи заклетва веднаш по прогласувањето на изборните резултати, наместо досегашниот двомесечен преоден период.
Разрешувањето на Парк го смени изборниот календар на Јужна Кореја, па новиот претседател ќе има цел петгодишен мандат.
Парк во моментот е во затвор во близина на сеул, чекајќи отпочнување на судење по обвинението за изнуда на пари од компании, земање на мито од некои фирми и за други дела во соработка со нејзината долгогодишна советничка.