Со ближење на летото, туристите кои имаат намера да одат во Барселона треба да знаат дека таму можеби нема да бидат пречекани со раширени раце.
Според податоците на локалните власти, тој историски шпански град во кој живеат 1,6 милиони луѓе, лани го посетиле 32 милиони туристи. Во обид да се спречи толкав број на гости, градоначалничката Ада Колау најави спроведување на нова политика, во согласност со забраната за отворање на нови хотели.
Стратешкиот „План за туризмот до 2020 година” претставен во февруари, содржи низа мерки за одвраќање на масовната навала на туристите. Надоместите за дневните излетници ќе бидат зголемени, како и цените за паркинг, а постојат и планови да се ограничи бројот на електрични скутери и Сегвеи во „најтуристичките” делови на градот.
Апартманите за изнајмување ќе бидат оптоварени со највисока стапка на данок на имот, а градот повеќе нема да издава дозволи за отварање на нови сместувачки капацитети.
Многу мештани, уморни од масовните посети на еднодневните излетници и посетители со големи крузери, пружаат поддршка на воведувањето на овие мерки, но има и такви кои не се баш најсреќни поради овие мерки.
Здружението на хотелиерите и малите бизниси издале заеднички проглас во кој ги критикуваат најновите мерки на градоначалничката, кои како што велат го демонизираат туризмот. Во тоа здружение сметаат дека новите мерки нема да ги спречат онлајн платформите, како Airbnb, кои се сметаат за одговорни за намалувањето на цените на сместувањето и не плаќањето на таксите за престој.
Барселона од туризмот, гранка во која се вработени над 100.000 луѓе, приходува 14 проценти од вкупниот БДП.