Одбележување на Меѓународниот ден на трудот

Од:

Во Македонија денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот што традиционално во светот се прославува во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права.

Синдикалните организации најавуваат низа активности со кои ќе го одбележат овој ден. Најстариот, Сојузот на синдикати на Македонија, како што се вели во прогласот, оваа година ќе ги афирмира целите и принципите и ќе бара спроведување на Протоколот за социјален напредок кој се фокусира на натамошен развој на социјалниот дијалог, спроведување на колективното преговарање на сите нивоа, подигнување на животниот стандард, квалитетот на живот, зголемување на платите, спроведување „еднаква плата за еднаква работа“, ратификација и имплементација на меѓународните стандарди на трудот, владеење на правото и унапредување на работничкото законодавство, елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна и секаков друг вид на дискриминација.

– ССМ и натаму останува крајно посветен на борбата за сигурни работни места, за зајакнување на работниот однос на неопределено работно време, намалување на временскиот период за вработување на определено работно време, дополнителни услови за заминување во пензија, дополнително даночно ослободување на надоместоците од работа, партиципативна работничка демократија и сигурни социјални солидарни фондови, се вели во прогласот.

Од ССМ во петокот на прес-конференција најавија дека денешниот ден ќе го прослават работно, со продолжување на разговорите за зголемување на минималната плата во земјава.

Претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека централно место во одбележувањето, како што рече, на задоволство на сите синдикални партнери, е продолжувањето на разговорите за зголемување на минималната плата во РМ.

– На овој начин сакаме и практично да покажеме дека иако е 1 мај ние работно ќе го прославуваме. За нас е битно да покажеме и да реализираме резултати како што тоа го правевме сите овие години, рече Митревски.

Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ го одбележуваше Меѓународниот ден на трудот со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што се Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и за првпат од осамостојувањето на Македонија, Законот за минимална плата со кој се утврди најнискиот износ на плата којшто треба да им се исплати на работниците.

Протестен марш најавија потписниците на Повелбата за солидарност.

Тие, како што велат, на 1 мај ќе ги повикаат своите членови и работници да испратат порака до надлежните да работат во интерес на работниците и да се борат за единство подобар стандард и поголеми права.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај, а до 2006 година неработни беа 1 и 2 мај.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Би можело да ве интересира

ДС: Само силен синдикат е гарант за работничките права

А1он

Меѓународниот ден на трудот одбележан со првомајски протест и барања упатени до новата влада

А1он

Мицкоски: Денес работничките права се прекршени и погазени, промените мора да се случат

А1он

Ковачевски: Нека е честит 1 Мај, СДСМ секогаш била на страната на работниците

А1он

Трендафилов: Сакаат да го конфискуваат Работничкиот дом за да го уништат синдикалното движење

А1он

Ампева: „Гласен Текстилец“ даде бесплатна правна помош на 5369 работници

А1он