Овие напади во Собранието кон македонските пратеници можеа да предизвикаат нова војна во Република Македонија, затоа е исклучително опасен чин и претставува тешки кривични дела, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
– Чавков изврши уште едно кривично дело, не извршување на наредба. Директорот на БЈБ не се јавувал на министерот за внатрешни работи. Тоа е недозволиво бидејќи е должен во секој момент да биде достапен за министерот и на овој начин тој ја одбил наредбата на Нухиу да биде заштитено македонското Собрание и пратениците, вели Ангелов.
Според него, сите лица во оперативниот штаб се соучесници во обидот за убиство и нанесување тешки телесни повреди на пратениците од македонското Собрание, како што вели, се работи за тешки кривични дела и исклучително опасна ситуација која за малку можеше да ја турне Македонија во нова војна.
Ангелов како некој кој подолго време работел во МВР, добро ги познава протоколите за обезбедувањето на објектите. Тој вели дека Собранието и пратениците во ваков случај го обезбедуваат повеќе полициски единици и тоа обичните полицајци, посебните единици, единицата за јавен ред и мир, ЕБР, единицата „Алфи“, единицата за специјални задачи „Тигар“.
-Ништо од ова не видовме, а пратениците беа тешко повредени. Сите овие единици се професионални, но тие ги извршуваат наредбите на своите старешини, така што доколку ЕБР добиеше наредба тие без проблем ќе го одбранеа Собранието, вели Ангелов.
Според неговата проценка, влегувањето беше се, само не спонатно. Ангелов посочи дека проблемот внатре и физичкиот напад го направиле 20 до 30 луѓе кои се дел од македонското криминално подземје и припадници на полицијата.
Ангелов во одбрана на припадниците кои беа присутни на немилиот настан во Собранието изјави дека дел од нив се вистински професионалци, но потфрлиле поради тоа што влегувањето во Собранието било однапред испланирано и такви биле наредбите.
-Им порачувам на сите старешини , не си играјте ќе заглавите во затвор, ситуацијата е премногу сериозна, дали се боревме за ваква Македонија. Вие сте должни да го браните Собранието и македонските пратеници, им порача Ангелов.
Тој уште од сега на оперативниот штаб му најави дека за десет дена, односно на денот кога во македонското Собрание ќе се бира новата влада повторно ќе има обид за насилен упад во Собранието.
– Исперете си ја совеста, повратете си ја извалканата чест и заштитете го Собранието. Незаштитувањето на Собранието може да ја однесе Македонија во нова војна и на тој начин да ја изгубиме нашата татковина за која се боревме. Тоа што го направивте не оди во прилог на македонскиот народ, вели Ангелов.