Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети одржа консултативна средба со претставници на граѓанските здруженија и иницијативи за предлог праговите за информирање и алармирање на ПМ 10 честичките.
Средбата, како што се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање, се однесува на предлогот за дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.
Стручните лица на Министерството низ конструктивен разговор ги образложиле предлог-праговите за информирање и алармирање на ПМ 10 честичките и ги чуле забелешките на јавноста во однос на предлог Уредбата, се вели во соопштението.
Со цел невладините организации и јавноста да биде целосно консултирана и вклучена при донесување на овој подзаконски акт и со цел да добиеме продуктивен документ со кој ќе допринесеме кон подобро регулирање на квалитетот на воздухот, на граѓанските здруженија им е оставен простор и во наредната недела да достават свои коментари во однос на Уредбата до Министерството за животна средина и просторно планирање, а истите ќе бидат земени предвид.
На средбата од страна на невладиниот сектор присуствувале претставници на граѓанските иницијативи „Коалиција за чист воздух О2“, „Воздух сега“, „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадувањето“, „Скопје смог аларм“, „Спас за Водно“, „Куманово бара чист воздух“, „Скопје бара чист воздух“, „Охрид СОС“, „МЕЃАШИ“, „Еко герила – Тетово“, Здружението за развој и активно делување и потикнување на граѓански сектор „За нас се работи“ – Битола и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.