Одбележан Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот

Од:

Трагедијата настаната како последица на холокаустот постои, не смее и не може да се избрише. Сеќавањето не смее да престане и тоа треба да е опомена за нас, за сите времиња, за идните генерации да знаат да изразат жалење за страдањето и губитокот, но истовремено да му се посветат на сеќавањето на жртвите, што ќе помогне во спречувањето на повторувањето на злосторот.

Ова денеска го истакна претседателот на Еврејската заедница на Република Македонија, Берта Романо – Николиќ во обраќањето на одбележувањето на Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот, кое се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Им оддаваме почит, посочи Романо – Николиќ, на шест милиони Евреи меѓу кои 7.144 Евреи од Македонија убиени за време на Втората светска војна во логорот на смртта Треблинка. Нагласи дека ја одбележуваат трагедијата на варшавското гето, едно од најстрашните трагедии на еврејскиот народ во својата историја.

– Го одбележуваме денот на страдање и јунаштво и оддаваме на сите жртви на тоа страшно и трагично време, но и на храброста во варшавското гето кои дигнале востание и се побуниле, знаејќи дека е тоа последна битка, изгубена битка. Варшавското гето е единствен пример на гордост, отпор против злото и уништувањето, рече Романо – Николиќ.

Човекот, потенцира, го смисли холокаустот, го изведоа луѓе на луѓе, очи во очи, души на души, не како војни, туку како убијци и жртви, што, како што рече, злосторот го прават поужасен и помонструозен.

– Денеска е ден кога сите треба да ја испитаме својата свест, совест, кога својата свест треба да ја испита целото човештво, додаде Романо – Николиќ.

По обраќањето на Романо – Николиќ претседателот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Благоја Младеновски запали шест меморијални свеќи како симбол на шесте милиони жртви на холокаустот.

Во изложбениот дел на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите беше отворена и изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи“, која е дел од проектот Еврејската култура, традиција и историја како дел од македонското мултикултурно општество што Центарот го организира секоја година во соработка со Министерството за образование и наука основните училишта во Република Македонија.

На комеморацијата која ја организираа Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во државата.

Би можело да ве интересира

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи

Ана Ололовска

Нетанјаху: Холокаустот никогаш повеќе нема да му се случи на нашиот народ

А1он

Путин: Русија е категорички против заборавање на нацистичките злосторства

Делегација на ОАЕ за прв пат ќе се приклучи на маршот на Холокаустот во Полска

А1он

Комеморација по повод 77-годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау

А1он