ВИДЕО: Родителите на децата со пречки во развојот бараат итни промени, три дена ќе кампуваат спроти Собрание

Од:

Здружението „Сплотени срца“ и родителите на деца со пречки во развојот во знак на протест поради како што велат не почитување на правата на децата со посебни потреби од страна на државата, поставија шатори во паркот „Жена борец“ спроти Собранието каде што ќе престојуваат во наредните три дена. Тие упатуваат барања до политичарите за остварување на правата како и подобри услови за нега на лицата со пречки во развојот.

-Овде сме за лицата со инвалидитет, за децата и возрасните со посебни потреби. Денес кампуваме овде пред совеста на сите оние кои што може да направат нешто за нашите деца и за возрасните со посебни потреби. Ние не сме против никого, во ова нема политика. Има закони кои што гарантираат права за нашите деца, но некои од законите се само на хартија, вели Зоран Мијалков, претседател на здружението „Сплотени срца“.

Родителите на децата со посебни потреби велат дека сакаат да бидат партнери со институциите и со секој кој сака да помогне, тие самите се нудат да помогнат околу решавањето на овој проблем.

-Нашите деца имаат право да живеат, ние имаме право да живееме, иако нашите животи се многу тешки, велат родителите.

Тие ги повикуваат сите што сакаат да се приклучат на овој мирен протест, да дојдат и да ги поддржат во наредните три дена како и секој 20ти ден од месецот се додека не се формира нова влада. Родителите се надеваат дека тие и нивните деца ќе бидат еден од приоритетите на новата влада.

-Доставивме барања до институциите и до партиите пред изборите. Повеќе здруженија ги составуваа овие барања, исто така и секоја категорија на лица со посебни потреби има други свои барања кои се вон тоа. Барањата не се некој нас да ни дава пари од буџетот, ние не го сакаме тоа. Еден од законите кои што ги бараме е државата да биде покровител на нашите деца искористувајќи го нашиот имот, вели Мијалков.

На мирниот собир се појави и министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими кој им вети на родителите дека ќе седнат на маса и ќе бидат разгледани сите нивни предлози и барања со цел да се создадат подобри услови за лицата со посебни потреби.

– Како прв човек на министерството имаат подадена рака од мене. Барањата кои првично ги видов во делот на законските измени им ветувам дека ќе ги разгледаме и најголем дел од барањата кои се однесуваат на работа на министерството за социјална политика се прифатливи, вели Ибрахими.

Ибрахими покрај измените во законот вети дека ќе се залага и за отварање нови центри за ваквите категории на граѓани, но изјави дека моментално измените не можат да бидат спроведени поради блокадата која се случува во Собранието.

На самиот почеток на собирот се случил мал инцидент, непознато лице без да се легитимира се обидело да ги сруши шаторите на присутните.

-Дојде момче, за кое отпосле констатиравме дека бил вработен во Град Скопје, но не се легитимираше и почна да ги руши шаторите. Прво не сакаше да се легитимира, а потоа кажа дека требало да се поправаат плочките. Имаше дете во шаторот, а тој зема да трга. Ако во оваа земја, ние родителите и децата со посебни потреби не сме пожелни, нека кажат да бараме азил, вели Мијалков.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта го турка коруптивниот Закон за кредит од Унгарија по секоја цена

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите